Во ред е да се бара членство на Украина во ЕУ, но мора да се донесе и одлука за отворање на преговорите со Македонија и со Албанија, а Босна и Херцеговина и Косово да добијат кандидатски статус, изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
– Бев повикан да потпишам заедничка изјава со претседателите од Источна Европа, на Украина итно да и се даде статус кандидат за членство во ЕУ. Во ред, состојбата е вонредна и бев подготвен да потпишам, но под услов таков статус да им се даде и на БиХ и на Косово, кое некои членки се уште го немаат признаено. Барав исто така да се донесе одлука за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ со Албанија и Северна Македонија кои Брисел ги малтретира со години. Тоа за нас е еднакво важно како и Украина – изјави Милановиќ.
Во врска со Србија и БиХ, хрватскиот претседател смета дека нивното место е на Запад, и затоа нивните власти мора да решат дали ќе припаѓаат во ЕУ или Русија. Заканите за можна безбедносна дестабилизација на регионот, според него, не се добри и во моментов не се реални.
– Белград треба да реши каде припаѓа, дали во ЕУ или со Русија од сентиментални причини кои можам да ги разберам, но тоа не е практично. Не е време да се изживуваме врз Србија, туку да им кажеме дека сега е време да се одлучат, сега гори. Не мора да ги осудувате Русите. Тешко е, но разбирам. Ајде да видиме дали припаѓате на Запад или на Исток, сега е време за некои далекусежни пораки. Во овој момент не е продуктивно да се плашат луѓето со накакви нови судири на Косово и во БиХ. Република Српска не може да се извлече од БиХ, тоа е невозможно, нивното место е на Запад, местото на српскиот народ е на Запад, а не во Русија – вели Милановиќ.
За БиХ оцени дека „Западот со години ја малтретира, земјата стои, не и се помага туку постојано и се одмага со неорганизирана и килава европска бирократија, со европски дипломати надвор од регионот кои не разбираат што се случува таму“.
– БиХ мора да добие статус на кандидат за ЕУ. Тоа е надеж, како дрво преку река по кое можеш да ползиш без да паднеш. Тоа и треба на БиХ која ја влечат за нос веќе 20 години – изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
Според хрватскиот претседател, војната во Украина би можела да се избегне ако Европа имала посилна улога и поактивна улога.