Украинскиот претседател Владимир Зеленски вчера упати очајнички апел до Европскиот парламент (ЕП), молејќи го блокот да „докаже дека е со Украина“ во екот на оружениот конфликт со Русија, но Европската Унија можеби нема да му ја пружи сета помош која тој ја очекува и со бараната итност, без разлика дали станува за приемот во ЕУ или за военото снабдување, пишува „Вашингтон пост“.
Говорот во кој Зеленски истакна дека „Украина се бори за опстанок како и за да стане еднаква членка на Европа“ беше дочекан со овации од европратениците и изразена добра волја од европските лидери, со што претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел најави дека украинското барање за членство во ЕУ ќе биде „сериозно разгледано“. Но, земјите-членки на ЕУ се поделени во однос на отворањето на вратата на Унијата за Украина, додека и најавата за испраќање воена помош на Украина исто така делува „издишана“, наведува „Вашингтон пост“, додавајќи дека и ветувањето на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел за снабдување на Украина со борбени авиони било непланирано.
– Ваквиот развој на настаните ја нагласи ранливоста на Украина додека светот ветува поддршка, но ги остава Украинците да се борат – тврди американскиот весник.
Борел ги најави борбените авиони за Украина на прес-конференција во неделата, а веќе вчера стана јасно дека земјите-членки на ЕУ веројатно нема да ги испратат во Украина, според „Вашингтон пост“. Шефот на европската дипломатија во неделата кажа дека воените авиони ќе бидат меѓу помошта во вооружување за Украина, платена од фонд на ЕУ вреден 555 милиони долари, одобрен од министрите за надворешни работи на европскиот блок. Според ваквиот план, земјите-членки би добиле надомест за воената опрема која ја донираат за Украина.
Идејата била дискутирана меѓу министрите за надворешни работи во ЕУ, според упатените во разговорите на кои се повикува американскиот весник, тврдејќи дека Борел сугерирал оти Бугарија, Словачка и Полска би можеле да придонесат за реализација на планот, бидејќи имаат авиони „МИГ-29“ кои се покомпатибилни со капацитетите на украинската војска. Но ништо од плановите не било финализирано, според дипломат од ЕУ кој анонимно го информирал „Вашингтон пост“ за текот на состаноците.
Полскиот претседател Анджеј Дуда јавно истакна дека неговата држава нема да испрати борбени авиони во Украина.
– Воопшто нема да испратиме авиони во Украина, бидејќи тоа ќе отвори воено вмешување во украинскиот конфликт. Ние не се приклучуваме на тој конфликт. Нема да испраќаме авиони о украинскиот воздушен простор – категоричен беше Дуда.
Повеќето држави во Европа засега испраќаат оружје на Украина. Германија вети 500 ракети „стингер“ и антитенковско оружје. Литванија испрати противавионски ракети, Белгија ќе испрати 2.000 митралези и 200 противтенковски оружја, Холандија испраќа ракети „стингер“, противтенковско оружје и радарски системи, а Полска ракетни системи, муниција и опрема.