Пораката од Трамп да очекуваат „нови, убави и паметни“ ракети и западните воени бродови што итаат кон Сирија го вклучија алармот во Москва, која го подигна степенот на подготвеност на своите сили и предупреди дека ќе ја гаѓа секоја ракета истрелана кон Сирија, како и локацијата од каде што е лансирана. Тензијата расте во очекување на нова нинтендо-војна
Русија и САД сѐ повеќе ѕвечкаат со оружјето по тврдењата за нападот со хемиско оружје во Сирија, во кој се убиени најмалку 70 лица. Пентагон ја испрати борбената морнаричка група предводена со носачот на авиони „Хари С. Труман“ кон Средоземно Море. Во истиот регион веќе се наоѓаат неколку американски бродови, кои пловат во непосредната близина на сирискиот брег и на тамошните руски бази. Испраќањето на групата воени бродови кон Сирија го вклучи копчето за тревога во Москва. Па, така, руската црноморска флота доби наредба да ја зголеми борбената подготвеност при евентуална воена интервенција. Тензиите брзо се зголемија уште минатата недела, кога светот го обиколија информации, драматични фотографии и снимки за наводен напад со хемиско оружје во сирискиот град Дума, за кого Западот прстот го впери кон сирискиот претседател Башар ал Асад.
Се тврди дека во нападот се убиени најмалку 70 лица, додека Светската здравствена организација (СЗО) вчера соопшти дека најмалку 500 лица побарале лекарска помош во Дума поради симптоми на труење. Тоа е прва официјална бројка на некоја меѓународна организација за нападот, за кој САД и Западот го обвинуваат Асад, додека тој и неговите сојузници, Русија и Иран, негираат каква било вмешаност. Ниту двете седници на Советот за безбедност не го смирија спорот помеѓу Русија и САД, кои во сирискиот конфликт се наоѓаат на спротивни страни.
И додека Москва ја зголемува борбената подготвеност на црноморската флота, кон регионот забрзано плови американскиот носач на авиони „Хари С. Труман“, заедно со група бродови што го следат. Американската борбена група се стационира во Средоземно Море, а количеството оружје што би можело да биде употребено е огромно. Што всушност имаат двете страни на располагање во регионот? Американскиот разурнувач „Доналд Кук“, кој се доближил на околу сто километри од Тартус во Сирија, каде што се наоѓа руската воено-поморска база, е опремен со најмалку 50 крстосувачки проектили „томахавк“. Како што веќе споменавме погоре, во критичниот регион наскоро ќе пристигне и борбената група предводена од американскиот носач на авиони. „Хари С. Труман“.
Носачот го следат крстосувачот „Нормандија“ и четири разурнувачи – „Арлеј Бурк“, „Булкелеј“, „Форест Шерман“ и „Фарагут“. Заедно со овие бродови, борбената група ја придружуваат и германската фрегата „Хешен“, како и француската фрегата „Аквитан“. Носачот „Хари С. Труман“ имаше борбени дејства во првата половина на 2016 година, против т.н. Исламска држава (ИД), во текот на кои се извршени над 2.000 летачки мисии, со кои е соборен рекордниот број напади, кој во 2015 година го постави носачот „Теодор Рузвелт“. „Хари С. Труман“ тогаш се наоѓаше во источен Медитеран, од каде што беа спроведувани нападите врз позициите на џихадистите од ИД. Авионите на американската морнарица во тој период фрлија неверојатни 819 тона бомби. Од друга страна, Русија се заканува со свој „молскавичен“ одговор при евентуална американска интервенција.
Рускиот воен аналитичар Виктор Баранец наведува дека во Средоземно Море се наоѓа група руски воени бродови, вклучувајќи и дизел-подморници вооружени со познатите ракети „калибар“. Во базата Хмеим, Русија има распоредено и ловци и бомбардери, вклучувајќи и неколку летала од најнова генерација „су-57“. Русија го има на располагање и „бастион“, крајбрежните ракетни комплекси со високопрецизни противбродски ракети „јахонт“ и „оникс“. „Бастион“ е наменет за уништување бродови во радиус од 350 километри, а ракетата може да испорача боева глава, со тежина од стотина килограми, на минимална висина и поради тоа е многу тешка за пресретнување. Руските единици во Сирија се опремени и со „панцир-с1“, самоподвижен противвоздушен ракетен комплекс, за заштита од сите средства за воздушни напади на блиски растојанија.
Можеби Сирија нема, но во руските бази во Сирија експресно се донесени и опремени со комплексот „с-400“, кој во моментов важи за најдобар противвоздушен одбранбен систем во светот. Москва веќе се закани дека ќе ја гаѓа секоја американска ракета истрелана кон Сирија, но како и локацијата од каде што е истрелана. За сериозноста на ситуацијата и опасноста од ескалација доволно говори и предупредувањето на паневропската агенција за контрола на воздушниот сообраќај Еуроконтрол. Таа ги повика авиокомпаниите да бидат внимателни во наредните денови во источните делови на Медитеранот. Според соопштението, во тој период би можеле да бидат употребени ракети воздух-земја, како и крстосувачки проектили, а има опасност и од повремено попречување на опремата за навигација. На внимателност за летовите во близината на Сирија предупреди и руската Агенција за воздушен сообраќај – Росавијација, која ги предупреди авиокомпаниите што планираат да летаат во регионот.
Трамп: Руси, подгответе се за убави нови ракети
Американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер ѝ порача на Русија да се подготви за „убави, нови и паметни ракети“ во Сирија, по заканата од Москва дека ќе ги собори американските ракети истрелани кон оваа земја. Во истата објава, тој нагласи дека Русите не треба да му бидат сојузник на „животното што со гас ги убива своите луѓе и ужива во тоа“, алудирајќи на сирискиот претседател Башар ал Асад. Трамп претходно најави дека „ќе бидат донесени клучни одлуки за Сирија за 24-48 часа“, откако ќе се утврди кој бил виновен за хемискиот напад во Дума, Сирија, Русија, Иран или „сите заедно“, предупредувајќи дека „сите ќе платат“.
Напад без дозвола од Советот за безбедност на ОН?
Ако САД извршат напади врз Сирија без дозвола од Советот за безбедност на ОН, тоа ќе биде иста ситуација како во 1999 година, кога НАТО ја бомбардира СР Југославија без одобрување од Советот за безбедност на ОН, вели за „Спутник“ Богдан Беспаљко, член на Советот за меѓународни односи во администрацијата на рускиот претседател Владимир Путин. – Има само една разлика, бидејќи сега на територијата на Сирија се наоѓа руски воен контингент, како и систем за противвоздушна одбрана, а досега ниту Русија ниту Иран не најавија повлекување од Сирија – изјави Беспаљко. Во меѓувреме, рускиот амбасадор во Либан, Александар Засипкин, нагласи дека Русија има право да соборува американски ракети и да ги уништува локациите од каде што се истрелуваат при евентуална интервенција на САД во Сирија. Заменик-претседателот на Комитетот на Советот на Федерацијата за одбрана и за безбедност, Евгениј Серебреников, пак, порача дека Русија „молскавично“ ќе одговори ако во евентуален напад на САД врз Сирија настрадаат руски војници.