Изразувам силна осуда за воените дејствија кои Русија ги презема над Украина, што неизбежно ќе водат кон ненадоместлива загуба на човечки животи и материјална штета. Инвазијата на Украина од страна на Русија е напад на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, сериозна повреда на основните принципи на меѓународното право, удар врз демократскиот поредок и закана за стабилноста на Европа.
Ова е ставот на претседателот на државата Стево Пендаровски по повод руските воени дејствија во Украина.
– Како НАТО членка, се приклучуваме кон повикот на Алијансата насочен кон Русија за прекин на воените дејствија на територијата на Украина. Во име на граѓаните на Северна Македонија, изразувам солидарност со украинскиот народ во овие тешки времиња – се наведува во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.
Претседателот за денес свика и седница на Советот за безбедност на која ќе се дискутира за ситуацијата во Украина. Седницата ќе се одржи во Кабинетот на претседателот со почеток во 14 часот, по што во јавноста ќе бидат соопштени заклучоците.
Османи: Во овие тешки времиња ние сме со Украина
Денешната одлука на Кремљ за воени дејствија на руските воени сили не се ништо помалку од акт на агресија и почеток на војна против Украина, акти кои ги осудуваме на најсилен можен начин, напиша на Твитер министерот за надворешни работи Бујар Османи.
– Во овие тешки времиња ние сме со Украина – се додава во објавата на шефот на македонската дипломатија.