По речиси две години од избувнувањето на пандемијата на ковид-19, статистичките показатели во многу области се поразителни и претставуваат поттик за длабока анализа и преиспитување. Освен речиси девет илјади починати во Македонија и речиси шест милиони низ целиот свет, останаа неброени жртви од разни други болести што не добија можност да се лекуваат поради презафатеноста на здравствените системи. Дали човештвото и Македонија го положија или паднаа на испитот пред новото зло на денешницата
Со 8.851 починат, 290.915 дијагностицирани заболени и 273.243, исто така, дијагностицирани оздравени од ковид-19, според податоците од Министерството за здравство, Македонија влегува во завршницата на втората година од прогласувањето на пандемијата. Во меѓувреме, како што соопштија од Министерството, во земјава се направени вкупно 1.859.233 тестирања на ковид-19, а бројот на активни случаи, според споменатата објава, изнесува 8.821. Тоа се бројките, кои со оглед на непрецизната евиденција, со што дури и здравствените власти неодамна се согласија, како и на недоверливиот број на вкупното население во земјава, може да резултираат со различни заклучоци. Но, според повеќето досегашни анализи, Македонија е на врвот на листите според процентот на смртноста на заболените од коронавирус. Тоа, впрочем, неодамна индиректно го потврдија и од Комисијата за заразни болести, од каде што најавија дека ќе спроведат сеопфатна анализа заради утврдување на причините за високиот процент на смртност од коронавирус. За утврдувањето и санирањето на полесните и потешките последици од заболувањето кај пациентите што ја преживеаја инфекцијата, веројатно, допрва ќе се зборува.
А дури пред некој ден, по речиси две години од прогласувањето на пандемијата, на 11 март 2020 година, здравствените власти на Македонија успеаја да ги дефинираат и да ги објават препораките за лекување на пациентите заразени со ковид-19.
Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски, објасни дека на четириесетина страници се дадени најновите препораки за лекување, кои, пред сè, се наменети за лекарите, кои ќе можат од едно место да црпат релевантни податоци за лекувањето на пациентите. Тој потенцира дека досега имале проблеми со дистрибуција на препораките до лекарите и оти сега сите ќе можат да имаат увид во она што се препорачува како начин на лекување на пациентите со ковид.
– Целта е да не се доведуваме во ситуација некој лекар да советува терапија што не е препорачана. Тука во прв ред мислам на ивермектин. Прашање и денес е дали овој лек е присутен во некоја препорака или не е. Во овие препораки нема научни докази дека тој помага во лекување на ковид-19 – објасни претседателот на комисијата, Петличковски.
Тие се првенствено наменети за лекарите и, според комисијата, тоа е водич за третман.
Од комисијата тврдат дека и претходно се користеле неколку верзии на препораки за лекување пациенти од ковид, но имало проблем со споделувањето и затоа дури деновиве се дистрибуирани до здравствените установи.
Оваа верзија, која е од септември 2021 година и е четврта или петта верзија, ќе претрпува промени, во зависност од интернационалните научни сознанија.
Во меѓувреме, една година од почетокот на имунизацијата против ковид-19, која во земјава започна на 17 февруари 2021 година, со две дози против ковид-19 се вакцинирани 40,9 отсто од вкупното население, што, според сите анализи, е далеку под европскиот и под светскиот просек.
– Заклучно со 13 февруари годинава, вакцинирани се вкупно 868.818 лица со барем една доза вакцина против ковид-19 во државата и во странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 847.072 лица, а со трета доза се вакцинирани 137.048 лица. Со една доза вакцина против ковид-19, во државата и странство, вакцинирани се 52,1 проценти од населението над 18-годишна возраст, односно 48,2 проценти од населението над 12-годишна возраст, додека од вкупното население се вакцинирани 42,0 отсто. Опфатот со две дози вакцина против ковид-19 кај населението над 18-годишна возраст изнесува 50,8 проценти, односно 47,0 проценти кај населението над 12-годишна возраст – се вели во извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
А зошто тоа е така?
– Сите бевме затекнати од пандемијата. Се трудевме да се организираме. Секако, можеше и подобро. Можевме да имаме 2.000 жртви помалку ако сите бевме вакцинирани. Направивме пропусти како држава, систем и здравство и ова е заслуга на сите нас – беше коментарот со кој Петличковски ги проследи наведените бројки.
Но има и мислења според кои можело и требало да се направи многу повеќе.
Дека вакцинираните имаат помал ризик да развијат продолжен ковид ако се заразат со коронавирус, меѓу другото, покажала и една од најновите студии на Британската агенција за здравствена безбедност, која се темелела врз податоците од 15 студии спроведени низ целиот свет.
– Резултатите покажале дека вакцините значително го намалуваат ризикот од инфекции и тешки болести, вклучувајќи и симптоми како што се замор. Анализата, исто така, покажала дека невакцинираните лица што се заразуваат со коронавирус и добиваат продолжен ковид имаат многу подобри резултати ако потоа се вакцинираат – се вели во студијата.
Но немарниот и недоследен однос, не само на здравствените власти во Македонија туку и на светско ниво, вклучувајќи и на Светската здравствена организација, која, според голем број оцени, не го положила тестот на пандемијата, резултира со речиси шест милиони починати низ целиот свет. Но штетите, како на глобално ниво, така и на ниво на одделни држави, не завршуваат тука. По две години разни форми на ограничувања воведени заради заштита на јавното здравје и спречување на ширењето на заразата, останаа неброени жртви од разни други болести што не добија можност да се лекуваат поради презафатеноста на здравствените системи со прифаќањето и лекувањето на заболените од коронавирус. Во многу земји веќе се зборува и за „пандемиите“ на прекумерната тежина и на депресијата што произлегоа од мерките поради кои образовните и работните процеси во голем дел беа дислоцирани на работење од дома. Настрадаа и образовните процеси, а најмногу економиите, чии загуби, поради недостигот од работна сила, нарушените канали на снабдувањето, инфлацијата…, допрва ќе се проценуваат. Д.М.М.