Почнувајќи од денеска рокот на важност на потврдата за вакцинација против ковид-19, издадена во Франција, се намалува од седум на четири месеци, јавува француската телевизија БФМТВ.
Тоа значи дека оние кои првично се вакцинирани против ковид-19 треба да добијат засилувачка доза најмалку четири месеци по првите две дози. Досега, периодот меѓу првите две дози и дополнителната беше седум месеци.
Се намалува рокот и за оние кои се заразиле, а потоа примиле една доза од вакцината, како и за оние кои примиле една доза од вакцината, а потоа се заразиле. Исклучок е за возрасната група 16-17 години, која не мора да става трета доза за да ја задржи важноста на потврдата за вакцинација.
Оние кои прележале ковид-19 по примени две дози вакцина, исто така, се ослободени од дополнителна доза.
Се проценува дека меѓу четири и 4,5 милиони луѓе во земјата денес можат да ја изгубат важноста на сертификатот за вакцинација.