Учениците од гимназијата „Добри Даскалов“ и средното општинско земјоделско шумарско училиште „Ѓорче Петров“ од Кавадарци годинава беа дел од традиционалната манифестација „Во чест на Св. Трифун – во виното е вистината“, која ја организира домот на културата „Иван Мазов Климе“, во соработка со клубот на писатели „Тиквешки цветови“. Токму со овој проект секоја година започнува чествувањето на најзначајниот празник на лозарите во Тиквешијата и симболично се означува почетокот на работите на лозовите насади.
Учениците од втора година од гимназијата „Добри Даскалов“, Бојана Кирова, Теона Јорданова, Марија Вешкова и Елизабета Еленова интерпретираа прекрасни стихови од рециталот под наслов „Корени“.
Според зборовите на нивната менторка Васка Петкова, професорка по македонски јазик и литература во гимназијата, рециталот претставува поетски колаж од стихови од големите македонски поети Блаже Конески и Анте Поповски, кои на најдобар начин ја отсликуваат симбиозата на корените на македонскиот народ и традицијата во одгледувањето на виновата лоза на овие простори, постара од 2.000 години.
Учениците Розе Милкова, Ана Камчева, Тања Иванова, Мери Ѓорѓиева,Филип Велков, Петар Стефанов и Крстина Јованова, од прва, втора и трета година, во средното училиште „Ѓорче Петров“, презентираа колаж од стихови од големиот персиски поет и филозоф Омар Кајам, напишани пред осум века.
Убавината и силината на поезијата на Омар Кајам, која и по осум века силно одекнува до ден-денес, беше основната причина зошто одбравме да учествуваме на оваа манифестација со избор на стихови посветени за виното. Инаку, авторот бил истакнат ирански филозоф, математичар, астролог и пред сѐ поет, кој претставува еден од најзначајните мислители од средниот век. Денес Омар Кајам најмногу е запаметен како голем поет, особено по преводот на неговиот рубијат од персиски на англиски јазик од Едвард Фицџералд во 19 век – вели нивниот ментор Влатко Тасев, професор по македонски јазик и литература во СОЗШУ „Ѓорче Петров“ во Кавадарци. Ми. М.