Во „Колибри“ објавуваме делови од книгата „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на познатиот македонски писател за деца Киро Донев. И ова дело на мајсторот на римите е ведра, интересна и поучна книга, а преку белешките на сестричката и братчето, двајцата палавковци, ќе можете да ѕирнете во нивниот шарен свет, по нешто да научите, да се насмеете и со нетрпение да го очекувате секој нареден број на вашето омилено четиво

Низ страниците на македонската литература за деца. „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на Киро Донев (10)

Убаво се рекло:
„Штом некому си му лут за нешто, првин изброј до пет, па потоа прави што ќе правиш – и сѐ ќе биде во ред…“
Можеби навистина е така, ама кај мене може и вака…
Јас, на пример, уште од раѓање со нервите слабо „стојам“. Кога сум лут, не можам ни до два да бројам. И бидејќи не умеам таа „математика“ да ја правам – без да сакам веднаш почнувам да мавам! И на другарите и на моите дома тоа стопати им го имам кажано. А на сестра ми Зорка, пак – и практично ѝ го имам докажано… Знае, ама, ете, сѐ уште ме смета за „недокастрено“ дете. Без причини „рокчиња“ ми сади. Едноставно од кожа ме вади! А тоа не е убаво, нели – да ме предизвикува на физички дуели?
Ете, на пример, вчера… На гости ни дојде тетка ми Вера. И, како културна и умна жена, пред моите дома малку авторитетот ми го крена. Направи еден фин гест во моја чест. Рече:
– Леле, луѓе мои, времето колку брзо тече… Еве и Васко наш – станал вистински маж!
А сестра ми:
– Да, тетко, маж – како петелот наш! Ама вчера, со оној Ванчо „Гркот“ ги видов искачени на покривот од куќата. Буричкаа нешто во гнездото на штркот!
Замислете „речник“! Тоа што ѝ излета од устата на дрдорката, тешко да го коригира и тетка Дени – лекторката!
Ми немаше спас. Штом баба го слушна тоа, викна на сет глас:
– Точно е душко… Ги видов и јас! Слезете – им викнав – што правите?!
А штркот, испаничен, им леташе над главите… Грабнаа нешто од гнездото и бргу по олукот се изјазија… Море, згора на сѐ – и јазиците кон мене ги исплазија! Што да ви кажам – умот ми штукна…
Не избројав ни до еден. Филмот веднаш ми пукна!
– Сѐ е точно – реков – што ви кажа баба. Но штркот ни ја грабна топката, мислејќи дека е жаба. Ја виде како потскокнува, онака зелена и – ја набоде на клунот како обична пелена… Ја однесе во гнездото, а ние резервна топка немаме. Моравме да ја земеме… Не знам зошто во гнездото ја пикна…
На тоа сестра ми викна:
– Леле, ама лага, не ја мери, луѓе – ни петтонска вага!
Штрк топка да краде и наместо жаби и змии – гума да јаде?!
– А мене, како што велите, дека штркот на овој свет ме донесе, зошто и топката, место жаба – во гнездото да не ја однесе?… Чија лага не ја мери вага?!
Вашиот Васко Пикаско


За авторот

Познатиот македонски писател за деца и млади Киро Донев е роден во селото Моноспитово, Струмичко, на 21 март 1942 година. Беше новинар, главен и одговорен уредник и директор на „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“. Член е на ДПМ од 1970 година. Денес, како пензионер, живее во родното село.
Автор е на голем број книги за деца, почнувајќи од првата поетска збирка „Жаба спикер“, издадена во 1967 година, до последната „Било и се скрило“, издадена по половина век, во 2017 година.
Автор е и на десетина радио и ТВ-драми за деца и млади. Неговите книги се преведени на: српскохрватски, турски, албански, бугарски, украински и руски јазик.
Добитник е на наградите: „Гоцева повелба“ – Подгорци, „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца, „Курирче“ и „Струшко изгрејсонце“ на фондацијата „Македонија презент“ и „Големиот принц“ од издавачката куќа „Феникс“.
Негово последно дело е книгата „Видое Подгорец – незавршена приказна“, романизирана биографија, која Донев ја напишал за својот соработник и пријател или, како што тој честопати знае да каже, „батко и духовен татко“.