Другите двајца полуфиналисти требаше да бидат познати по вчерашниот тајбрејк, а играа Војташек и Ричард Рапорт, односно Со и Домингез
ШАХ – ГРАНПРИ-СЕРИЈА 2022
Американците Хикару Накамура (2.736 рејтинг-поени) од групата А и Левон Аронијан (2.772) од групата Ц се првите полуфиналисти, на првиот од трите турнири на гранпри-серијата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за 2022 година, што се игра во Берлин. Другите двајца полуфиналисти требаше да бидат познати по вчерашниот тајбрејк (партии со забрзано темо), а играа Полјакот Јарослав Војташек (2.686) и Унгарецот Ричард Рапорт (2.763) од групата Б и Американците Весли Со (2.736) и Лениер Домингез (2.752) од групата Д.
Тоа е епилогот по шесте одиграни кола во четирите групи, во кои најдобрите по групи одат во полуфиналето, каде што ќе се сретнат победниците од групите А и Б, односно од групите Ц и Д. По партиите во групи, најмногу победи остварија Аронијан и Со (по три), ремија Војташек и Домингез (по пет), порази Бакро, Кејмер и Широв (по три). Не победија Бакро, Опарин, Кејмер, Домингез и Широв, додека не загубија Накамура, Војташек, Аронијан и Со.
Резултати, последно 6. коло: Есипенко – Накамура реми, Гришчук – Бакро 1-0, Федосеев – Рапорт 0-1, Опарин – Војташек реми, Аронијан – Дубов реми, Видит – Кејмер реми, Со – Харикришна реми, Домингез – Широв 1-0.
Вакви турнири ќе има и во Белград (февруари) и пак во Берлин (март). Ќе настапат вкупно 24 велемајстори, кои ќе играат на два од три турнири. Првите двajцa од оваа серија турнири ќе бидат и последните што ќе се квалификуваат за Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак, кој ќе се одржи во јуни во Мадрид. Победникот на тој турнир ќе го предизвика светскиот првак, Магнус Карлсен во мечот за титулата, кој ќе се одржи во 2023 година.
Табела по групи
ГРУПА А: Накамура 4, Есипенко 3,5, Гришчук 3, Бакро 1,5 поен
ГРУПА Б: Војташек 3,5, Рапорт 3,5, Федосеев 3, Опарин 2 поена
ГРУПА В: Аронијан 4,5, Видит 3, Дубов 3, Кејмер 1,5 поен
ГРУПА Д: Со 4, Домингез 4, Харикришна 2,5, Широв 1,5 поен