Францускиот претседател Емануел Макрон го одбил барањето на Кремљ да биде подложен на руски ковид-тест кога пристигнал на средбата со Владимир Путин одржана неделава, па затоа држел дистанца со рускиот лидер, објави „Ројтерс“ повикувајќи се на информации од два извора од придружбата на Макрон.
Јавноста е зачудена од фотографиите од понеделничката средба помеѓу Макрон и Путин, кои седеа попреку на четириметарска маса за да дискутираат за украинската криза. Дел од дипломатите и познавачите на состојбата сугерираа и дека можеби Путин на тој начин сака да испрати дипломатска порака, како што пишува британски „Гардијан“.
Но изворите на „Ројтерс“ запознаени со здравствениот протокол на францускиот претседател кажеел дека на Макрон му бил понуден избор – или да прифати ПЦР-тест од руските служби, за да се доближи до Путин, или да се придржува до мерките за построго социјално дистанцирање.
– Знаевме дека тоа ќе значи оти ќе изостане ракувањето и дека разговорот ќе се води на долга маса. Но не можевме да прифатиме тие да дојдат до ДНК на претседателот – кажал еден од изворите на „Ројтерс“.
Прес-службата на Кремљ не одговори на барањето на „Ројтерс“ да даде коментар за ваквите сознанија.
Вториот извор од француската делегација потврдил дека Макрон одбил руски ПЦР-тест, наведувајќи дека францускиот претседател направил ПЦР-тест во Франција пред средбата, како и антигенски тест од страна на личниот доктор, по пристигнувањето во Русија.
Три дена по средбата со Макрон, Путин одржа средба со казахстанскиот претседател Касим-Џомарт Токаев при што двајцата лидери се ракуваа и седеа на помала маса.