Марта Наѓ, византолог и професорка на универзитетот „Дебрецин“
Професорката Марта Наѓ зборува по повод шестиот меѓународен филмски фестивал „Богородичен покров“, поддржан од Вишеградскиот фонд, кој се одржа неодамна кај нас. Тоа што посебно импресионира во работата на Наѓ, византолог и професорка на универзитетот „Дебрецин“ во Унгарија, е нејзината мисија. Преку нејзините истражувања на историските артефакти, таа им помага на етничките малцинства во Унгарија да си го зачуваат идентитетот. Забележлив е и нејзиниот придонес за македонскиот народ преку научноистражувачката работа посветена на Св. Наум и неговиот култ во Унгарија, кој е прв и единствен труд од ваков вид во светот.
Како се случи да почнете да истражувате за Свети Наум?
– Се сретнав со ликот на Св. Наум пред повеќе од 25 години, кога правев истражувања во Српската православна црква, лоцирана на југот на Унгарија во Ходмезовашархели. Светецот од Охрид се појави на голема хагиографска икона од крајот на 18 век. Насликан е во полна големина, а во заднината се настани од неговиот живот, лекувања, чуда што ги направил. Сликарот на иконата бил од Москополе (денес Воскопој, Албанија), бил член на тајфа што сликала икони и фрески во Унгарското Царство. Се вљубив во таа икона на Св. Наум. Од тоа време ги собирав неговите цртежи и го студирав неговиот живот. Во 2012 издадов книга со наслов „Култот на Св. Наум од Охрид во Унгарија, како манифестација на сочувувањето на етнички идентитет“. Претходно приредив изложба со сто предмети посветени на 1.100-годишнината од упокојувањето на Св. Наум: икони, резби, текстил, релјефи, емајли. Во септември лани приредив уште една изложба со наслов „Св. Наум од Охрид во унгарската современа уметност“.
Кои се најстарите портрети на Св. Наум и каде може да се најдат во Унгарија?
– Во средновековието култот на Св. Наум процветал во неговиот манастир и околу него. Во 18 век, тој култ бил пренесен во Унгарското Кралство од Ароманите, или како што се нарекувале во унгарските архиви, „Македовласи“. Тоа е етничка група што потекнува од домородните народи на Балканот, Тракијците и Илирите, од една страна, и римските освојувачи од друга. Македовласите донеле со себе во Унгарското Царство икони што го претставувале Св. Наум како најпознат светец во нивната татковина. Сликари, најчесто од македовлашко потекло, биле назначени да го насликаат светецот од Охрид. Тоа бил зографот Митрофан, автор на големата хагиографска икона. На една од граничните сцени од таа икона се јавува Св. Наум како монах заедно со Св. Антониј. Таа икона била насликана во раниот 18 век за црквата „Ракеве“. Тоа е најстарата икона што го претставува охридскиот светец во Унгарија. Во текот на целиот 18 век и на почетокот на 19 век, се правеле икони, фрески, резби и цртежи со неговата претстава.
Како култот на Св. Наум придонесува за зачувувањето на етничкиот идентитет на Македонците во Унгарија?
– Православните емигранти сместени во Унгарското Царство во текот на вековите се асимилирале во мнозинското општество. Денес во Унгарија живеат Срби, Романци, Грци, Бугари и унгарски православни луѓе како православни етнички малцинства. Во скорешната територија во Унгарија тие имаат 63 цркви и 11 капели што функционираат. Како дел од литургијата во Кондакот и Тропарот посветени на Св. Наум, православните верници го чествуваат во неговиот летен ден. Можеме да кажеме дека култот на Св. Наум во денешна Унгарија придонесува за зачувувањето на православната вера воопшто.
Од кои делови и кога Македонците имигрирале во Унгарија?
– Македовласите дошле во Унгарското Кралство главно во текот на 18 век откако нивниот најважен град Москополе бил разурнат од османлиските сили во 1788 г. Доаѓале и по воден пат, по Дунав, и по копно. Во Трансилванија се појавиле два века порано, во 16 век, формирале колонии во градови на раскрсници, централни на транзитни линии, како Токај, Мишколц, Ѓонѓос, Кешкемет Ујвидек (денес Нови Сад). Нивната миграција била од толку голем опсег што градскиот совет на Дебрецин ја изразил следнава поплака во еден од своите предлози: „Во рамките на краток период, ќе мора да се бара Унгарија во рамките на Унгарија, и нашата слатка татковина ќе воздивнува чудејќи се како се претворила од Унгарија во Македонија“.
Кои се најважни иконографски претстави во историјата?
– Во делата, Св. Наум бил насликан и во источен (икони, фрески) и во западен (резба, слики во масло) католички стил. Вкупно 42 претстави му биле посветени на светецот од Охрид. Во 1726, Власите од Мишколц воспоставиле капела во чест на Св. Наум и може да се претпостави дека Македовласите што живееле во Ѓонѓос исто си ја посветиле црквата на Св. Наум. Најголем број од претставите за Св. Наум се зачувани во овие цркви. Но и други православни цркви зачувале негови претстави, како Ходмезоваршахели и Пешта. Денес најголем број од иконите на Св. Наум се изложени во православните музеи во Сентандреј, Кечкемет, Мишколц. Фрески што го претставуваат Св. Наум може да се видат во црквите во Ракева и во Шекесфехервар. Две резби од 1743 г. од Христофор Жефар(ович), нашироко познат мајстор од периодот и регионот, се многу над делата од периодот и се полни со содржина и со висок квалитет. На нив може да се види и македонскиот пејзаж, градот Москополе, езерото во Охрид, манастирот основан од Св. Наум и населбите (Пештани, Заум, Подградец) што го опкружуваат манастирот. Резбарот ги засилува врските на Македовласите кон нивната не сакајќи заборавена татковина и помага во зачувувањето на нивниот етнички и религиозен интегритет. Резбите на Жефар одиграле особено значајна улога во култот на Св. Наум. Пред да се појават тие, култот на Наум бил ограничен на околината на охридскиот манастир. Резбите на Жефар ја кренале таа традиција многу над локален култ.
Дали култот на овој светец се негува во други земји со доминантна католичка и други религии?
– Јас работам во универзитетот „Дебрецин“ во Унгарија. Според тоа што јас го знам, Унгарија е единствената западнокатоличка земја во која се негува култот на Св. Наум.
Дали Св. Климент и Св. Наум биле родени браќа, има ли нови податоци по ова прашање?
– Св. Наум бил еден од седмочислениците, како ученик и сопатник на словенските апостоли, Кирил и Методиј. Учениците ги придружувале своите господари на нивната мисија во Моравија, Рим, Панонија. Но откако стигнале на дворот на бугарскиот цар, изворите не кажуваат ништо за нивната поврзаност. Може да биле многу блиски пријатели. Климент служел на погребната церемонија посветена на Св. Наум во манастирот во Охрид во 910 г.
Има ли луѓе во Унгарија што го носат името Наум, се слави ли неговиот ден во вашата традиција?
– Православните етнички групи во Унгарија го слават во нивните литургиски практики, исто како што правеле и во 18 и раниот 19 век. Досега не сум сретнала православен верник во мојата земја што го носи името Наум. Благодарение на мојата книга, култот во Унгарија е оживеан. Уметниците сликаат икони, прават релјефи и емајли посветени на светецот од Охрид. Пред неколку години, исто така, беше оформен хор „Св. Наум“ во црквата во Мишколц.
Зорица Соломан Костовска, основачка на фестивалот „Богородичен покров“