Премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од министрите кои се дел од владината делегација, утринава пристигнаа во резиденцијата „Бојана“, каде што ги пречека бугарскиот премиерот Кирил Петков и министрите во бугарската Влада, по што започна пленарната сесија на заедничката меѓувладина седница со која копретседаваат двајцата премиери.
Во своето обраќање на пленарната седница, премиерот Ковачевски истакна дека со изразена политичка волја и за кратко време двете влади ја организираа заедничката седница како уште еден значаен исчекор кон решенија од заеднички интерес и кон придобивки за нашите народи.
– Позитивни пораки од посетата во Скопје и пријателскиот амбиент на оваа средба ни потврдува дека македонските и бугарските граѓани се исклучително заинтересирани за силни меѓусебни економски врски и за активности на соработка кои поврзуваат – нагласи Ковачевски.
Тој потенцираше дека и во Скопје и во Софија дијалогот тргна од позицијата дека новиот политички момент создаден преку мандатите на двете нови Влади создава услови да се направи заеднички исчекор во периодот што претстои.
– Ќе работиме низ потенцијалите и можностите, а не низ проблемите и пречките. Тоа е клуч за иднината, и посебно за нашата заедничката иднина во Европската Унија – истакна во обраќањето на пленарната сесија на заедничката седница на владите премиерот Ковачевски.