Часовникот во 2022 година отчукува за амбициозни реформи, кои на глобалната заедница ќе ѝ овозможат да се позанимава со климатската криза и подготвеноста за пандемија, се вели меѓу другото во анализата на „Нејшенел интерест“

МУЛТИЛАТЕРАЛНА ОБНОВА НА ГЛОБАЛНО НИВО

Денешниов свет е оптоварен со кризи, но меѓународните институции што треба да го олеснат кооперативниот глобален одговор и понатаму не успеваат да ги постигнат целите. Во текот на минатата година, демократските норми и институции во светот продолжија да еродираат. Минатото лето изгореа американскиот западен брег, турските села, па дури и Сибир, затоа што климатските промени го зедоа својот данок. Околу 5,5 милиони луѓе изумреа од пандемијата, која меѓународната заедница не успеа да ја запре. Сега, во 2022 година, дојдовме до точката на пресврт, кога се потребни заеднички напори за ревитализација на меѓународните институции – и поради тоа од клучна важност е да се уважат лекциите од поновата историја, со чија помош мултилатералната соработка ќе биде поефикасна.
Се разбира, меѓународниот систем периодично се соочува со реформски моменти. Најпознат случај е оној од крајот на Втората светска војна, од 1944 до 1946 година, кога беа создадени Обединетите нации, Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и голем број други институции, за да се воспостави повоениот меѓународен поредок. Три декади подоцна, нафтениот шок во 1973 година го поттикна формирањето на Меѓународната агенција за енергија. Подоцна, азиската финансиска криза од 1997 година беше стимул за основањето на Г20, која стана централна група за решавање проблеми, во моментите кога избувна глобалната финансиска криза 2008-2010 година.
Понекогаш лидерите не успеваат да ги искористат ваквите моменти. Во раните 1990-ти, по распадот на СССР – покрај неуспешните обиди Г7 да се преобрази во Г8 – и додека САД и Европа беа фокусирани на проширувањето на НАТО и ЕУ, изненадувачки малку беше постигнато во однос на „прекројувањето“ на меѓународните институции. Сега, кога повторно се наоѓаме на уште една таква пресвртница, корисни лекции ни нудат три посовремени усилби за подобрување на интернационалните институции: ставањето крај на ѕверските злосторства и трагедиите поврзани со човекови права, соработката во однос на климатските промени и борбата против смртоносните болести.

Мешани резултати за човековите права и злосторствата

Во изминативе 25 години, светот презеде чекори за зацврстување на глобалната институционална рамка за борбата против прекршувањето на човековите права и ѕверските злосторства, но сè уште се соочува со предизвици поврзани со легитимноста и ефикасноста. Кога беше формиран во 2002 година, Меѓународниот кривичен суд се надоврза на искуството на меѓународните кривични трибунали за поранешна Југославија и Руанда, така што обезбеди постојан суд за кривично гонење лица што вршеле злосторства. Судот се соочи со силни реакции дека е пристрасен во однос на Африка; освен тоа, Кина, Русија и САД не членуваат во него. Сепак, најслаба страна на овој суд е неговото релативно бавно темпо на работа – за 23 години од неговото постоење, тој процесира само 30 случаи.
Слично на ова, концептот „Одговорност да се заштити“ (Р2П), кој се однесува на суверените национални и глобални активности за разоткривање масовни злосторства, исто така беше создаден во кризни моменти. Тој произлезе од работата на меѓународната комисија за интервенција и државен суверенитет, со финансиска помош од канадската влада, откако мисијата на силите на ОН не успеа да ги спречи масакрите во Сребреница и во Руанда. Истиот тој беше имплементиран во збирот реформи што беа усвоени во 2005 година на Генералното собрание на ОН (УНГА), набргу по инвазијата на Ирак и тамошниот скандал со програмата „Нафта за храна“, како и по пасивниот однос на ОН во врска со масовните злосторства во Дарфур.
Во 2011 година, Либија стана првата држава каде што Советот на ОН се повика на Р2П и одобри воена интервенција, како резултат на широкораспространетите напади врз цивилното население. Интервенцијата во Либија на крајот доведе до соборување на режимот на Муамер ал Гадафи, предизвикувајќи сомнеж кај силите како Русија, Кина и Бразил во однос на законитоста и целите на воената интервенција според концептот Р2П. Сепак, повеќе од 80 резолуции на Советот на безбедност на ОН се повикаа на Р2П, што е доказ дека оваа меѓународна норма пушта длабоки корени, и покрај сериозните разлики во однос на нејзиниот обем и примена.
Формиран во рамките на реформскиот пакет на УНГА, Советот за човечки права при ОН (ХРЦ) се покажа подобар од својата претходничка, Комисијата за човекови права (ЦХР), со многу потранспарентни избори и платформи за земјите кандидати, еднаков четиригодишен механизам за рецензија на сите членки на ОН и подобрена евиденција за укажување на злосторства (на пример Северна Кореја и Сирија, надгледувани од ХРЦ, наспроти Дарфур, надгледуван од ЦХР). Од друга страна, Советот е премногу фокусиран на Израел, додека автократските членови на ова тело го блокираат надзорот врз многу други држави и спорни прашања. Додека администрацијата на Џорџ В. Буш не учествуваше во ХРЦ при ОН, а администрацијата на Трамп се повлече од своето учество во него, онаа на Обама се вклучи во неговата работа. Видливото подобрување на резултатите за време на учеството на Обама укажува на тоа колку едно несовршено меѓународно тело, создадено во момент на реформи, може да биде подобрено ако САД играат поактивна улога во него.

Тргни-застани во однос на климатските промени

Променливи се и постигнувањата на меѓународните институции што се занимаваат со климатските промени. Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (УНФЦЦ) беше од клучно значење за поставувањето на климатската агенда, а нејзините годишни дискусии – од кои последен беше состанокот ЦОП26 во Глазгов – нудат драгоцени можности за мобилизирање на активностите. Во секој случај, напредокот во преговорите се движи по принципот тргни-застани, а најмногу зависи од степенот на лидерство на големите сили, како и од тоа дали земјите во развој сметаат дека нивниот глас е доволно рефлектиран во крајните резултати.
Овие преговори резултираа со формирање дури седум мултилатерални климатски фондови, меѓу кои најистакнати се Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ) и Зелениот климатски фонд. Формиран во 1991 година, ГЕФ е „вдомен“ во Светската банка и има годишен проток од околу една милијарда долари – преку Програмата на ОН за развој (УНДП), Светската банка и Програмата на ОН за животна средина. Фондот е на добар глас поради својот придонес, но добива и критики поради ограничената слобода на избор што им ја дава на земјите приматели, развлечените процеси на финансирање и недоволниот ангажман околу приватниот сектор и невладините организации. Како посебен ентитет, во 2009 година беше лансиран Зелениот фонд и, откако беше зголемен како последица на Парискиот договор за мобилизација на 100 милијарди американски долари годишно за климатско финансирање на земјите во развој, сега е на добар пат секоја година да исплаќа по две-три милијарди долари. Овој фонд добива добри оцени, бидејќи отиде подалеку од другите климатски фондови кога станува збор за поттикнување државни проекти, мобилизирање на значајно кофинансирање од приватниот сектор и започнување ангажман на граѓанското општество. И покрај тоа, сегашното ниво на климатско финансирање е далеку од доволно. За да се исполнат ветувањата на водечките светски држави, потребно е да се направи многу повеќе, но сите понатамошни теренски реформи треба да избегнуваат да ја зголемат тековната „салата“ од институции, по пат на надградба и подобрување на постојните организации.

Поздрави здравствени институции

Повеќе успешни приказни имаше во областа на глобалната здравствена безбедност. Глобалната иницијатива за искоренување на детската парализа, која беше создадена во 1988 година, помогна во елиминацијата на дивиот полиовирус во Африка и пандемијата ја ограничи на само две преостанати земји – Авганистан и Пакистан.
Гави-сојузот за вакцини, кој беше создаден во 2000 година, имунизира 800 милиони деца и сега е најактивен во иницијативата „Ковакс“ за дистрибуција на вакцини против ковид-19. Од своето формирање во 2002 година, Глобалниот фонд за борба против сида, туберкулоза и маларија има спасено 44 милиони животи преку финансирање мултиакционерски партнерства, со јасна цел – превенција и лекување на најсмртоносните светски заразни болести пред појавата на ковид-19. Тука е и релативно новата Коалиција за иновации во подготвеноста за пандемија (ЦЕПИ), која обезбеди клучна рана поддршка за неколку кандидати за производство на ковид-вакцини, вклучувајќи и за оние на „Астра Зенека“ и „Модерна“.
Најефикасните светски здравствени институции споделуваат неколку заеднички карактеристики. Првата е дека тие имаат широка меѓународна поддршка, вклучувајќи и од САД, европските влади и другите големи сили, како и од глобалниот Југ. Исто така, тие имаат корист од вклучувањето лидери од секакви сектори во нивната работа и управување – не само владини претставници туку и лидери на граѓански општества, научници, бизнисмени, филантропи и други.
Конкретно, најуспешните глобални здравствени институции – Гави, Глобалниот фонд и ЦЕПИ – покажуваат тенденција да оперираат врз принципот на јавно-приватно партнерство, наместо како традиционални институции на ОН, каде што доминантно место има владата. Овој пристап, кога се работи за носење одлуки и нивно спроведување, донесе поголема ориентираност кон резултати, дозволувајќи им на овие институции да ги насочат ресурсите кон програмите што се поефикасни, наместо да ги распоредуваат средствата преку политички консензус или едноставно ферплеј однос кон државите, без оглед на нивните перформанси. Наедно, партнерствата родени во ерата на мултилатерални иновации (2000-2005) и прифатени од генералниот секретар на ОН, Кофи Анан, го демонстрираат клучниот квалитет: снаоѓање во криза, како во примерот на механизмот на Глобалниот фонд за одговор на ковид-19. Овие стандарди за ефикасни институции може одлично да се применат и надвор од здравствената област.
Сега, по мешаниот успех на ЦОП26, светските лидери дебатираат за следните чекори што се потребни во однос на климатските промени во 2022 година, сакајќи да го претворат реторичкиот напредок во сериозна акција. Нивните размислувања водат и во правец на она што може да се направи за подобар одговор на идните пандемии. Администрацијата на Бајден се залага за лансирање нов фонд за подготвеност за пандемија.

Во 2022 година има тесен прозорец на можности за договор во врска со реформите потребни за зголемување на ресурсите во недостиг од подготвеност, вклучувајќи и за дилемата дали актуелниот ад хок пристап на АЦТ треба да биде институционализиран или се потребни други структури. Со оглед на сегашната несредена ситуација на теренот, мудро е да се фокусираме на зголемено финансирање, во период кога ги зајакнуваме и подобруваме постојните организации, како што се вградувањето на компаративните предности на Глобалниот фонд во здравствениот систем, зацврстувањето на синџирите на снабдување и брзата примена на здравствените иновации. Во овие дебати за создавање и пресоздавање мултилатерални тела се наѕираат четири сериозни лекции од минатите искуства.
Прво, најбитно е да се биде доволно амбициозен, особено имајќи го предвид актуелниот момент на нееднаквост, здравствена несигурност, екстремни временски услови предизвикани од климатските промени, природни катастрофи и раселување. На пример, иако во јули 1997 година американскиот Сенат гласаше 95:0 против ратификацијата на протоколот од Кјото, сметајќи дека содржи претерано многу обврски, овој договор во суштина набргу се покажа како недоволно амбициозен во својата зависност од трговијата со јаглерод, но и неуспешен во справувањето со рапидно растечките емитери, како Кина и Индија. Сепак – ова како предупредување – доколку времето навистина не е созреано за сеопфатни промени, не дозволувајте совршеноста да му стане непријател на подобрувањето. Механизмот за стручна ревизија при Советот за човекови права, како и зголеменото внимание во однос на масовни злосторства (како систематското насилство и тортура на Кина врз Ујгурците), претставуваат опиплив напредок, кој ја оправдува одлуката да се продолжи напред со употреба на несовршено решение.
Второ, како што научивме од неуспесите на Меѓународниот криминален суд, конструктивните критики за ГЕФ и од успехот на Глобалниот фонд, реформите мора да ја балансираат активната поддршка од страна на големите сили, обезбедувајќи истовремено земјите од глобалниот Југ да останат вклучени во решавањето на проблемите.

Трето, од круцијална важност е да се ангажираат голем број заинтересирани страни, вклучувајќи ги и приватниот сектор, граѓанското општество и претставниците на најдиректно погодените заедници. Солидните резултати на Гави и Глобалниот фонд – исто како и ограничувањата на ГЕФ – ја демонстрираат важноста од вклучување различни сектори во планирањето и изградбата на институциите, како и во нивното управување и имплементација. Ваквиот пристап со причина беше искористен од страна на ОН во меѓудржавниот дијалог, што доведе до конципирање на целите за одржлив развој, утврдени од страна на Генералното собрание во 2015 година. (заб. на прев. Цели за одржлив развој – група од 17 цели во врска со меѓународниот развој и иднина).
Четврто, новите или обновените институции треба да бидат ориентирани кон резултати и да поседуваат механизми за одговорност, со што ќе обезбедат доверба кај засегнатото население, локалните власти и донаторите. Неуспехот на заедничките реформи на ОН од 2005 година, со кои се правеше обид за создавање силна ревизија на сите мандати на ОН пред нивното повратно обновување, е приказна што опоменува.
Одговорните резултати ги поврзуваат меѓународните институции многу повеќе со просперитетот, безбедноста и дигнитетот на луѓето, одошто со тесноградите интереси на државите и нивните институции.
Часовникот во 2022 година отчукува за амбициозни реформи, кои на глобалната заедница ќе ѝ овозможат да се позанимава со климатската криза и подготвеноста за пандемија. Доколку годинава не се искористи за отворање на прозорецот на можности, последиците ќе бидат ужасни. Меѓутоа, досегашното искуство покажува дека најважен предизвик во кризните моменти не е само дејствувањето туку и знаењето како треба да се дејствува.

Подготвиле: Марјан Велевски; Билјана Здравковска