Колоризација: Дејан Јовески - „Нова Македонија“
  • Историските архиви сведочат за нешто многу важно. Тие покажуваат дека македонската борба не била водена само против окупацијата туку и за една позитивна цел – создавање сопствена држава! Ова особено јасно се гледа во извештајот на потполковникот Адам Петровиќ, воен пратеник при Амбасадата на Независната Држава Хрватска во Софија, испратен во октомври 1941 година. По описот на еден инцидент во Скопје, поврзан со изведување на македонската химна и реакциите што ги предизвикала кај бугарските офицери, Петровиќ заклучува дека во Македонија постои силна струја што се залага за ослободување и создавање самостојна Македонија. Токму ова сведоштво има особено историско значење. Тоа доаѓа од набљудувач што не бил дел од македонското движење, туку претставник на друга држава. Затоа неговата констатација дека во Македонија
    постои силна идеја за самостојна држава претставува дополнителна потврда дека Народноослободителната борба не била наметнат процес, туку израз на автентичните стремежи на македонскиот народ

За ниту еден важен историски настан не сведочат толку силно политичките говори или современите толкувања колку што сведочат документите создадени во времето кога тие настани се случувале. Токму затоа, кога станува збор за 11 Октомври и македонската Народноослободителна и антифашистичка борба, најсилниот одговор на ситеченто обиди за ревизија на историјата не се емоциите или политичките ставови, туку архивските извори што останале како неми, но непобитни сведоци на едно време.
Единаесетти октомври претставува еден од најзначајните датуми во македонската историја. Тоа е денот кога симболично започна народното востание во Македонија, денот кога македонскиот народ јасно го избра патот на отпорот против окупацијата, фашизмот и сите облици на национално поробување. Но неговото значење не се исцрпува само во воената или политичката димензија на настаните од 1941 година. Единаесетти октомври претставува историска пресвртница преку која македонскиот народ јасно ја демонстрираше својата волја за слобода, државност и национална афирмација. Затоа овој датум не е само симбол на отпорот против фашизмот туку и симбол на борбата за создавање сопствена држава, за признавање на посебниот македонски национален идентитет и за правото Македонците сами да ја определуваат својата иднина.
Во последните години, како дел од пошироките политички процеси на преиспитување и редефинирање на македонската историја, сѐ почесто се појавуваат обиди за релативизирање на значењето на 11 Октомври. Јавноста беше сведок на различни толкувања со кои се настојуваше да се намали неговото историско значење, да се оспори карактерот на бугарската улога во Македонија за време на Втората светска војна или да се претстави дека востанието немало јасна антиокупаторска и антифашистичка содржина.
Особено често се повторува тезата дека Царска Бугарија не била окупатор во Македонија и дека бугарската армија во април 1941 година наводно била дочекана како ослободителна сила. Но кога ќе се погледнат архивските извори, ваквите тврдења брзо се соочуваат со историската реалност. Меѓу најзначајните документи е наредбата на бугарското Министерство за војна од 22 април 1941 година. Во овој документ, кој потекнува од самите бугарски архиви, недвосмислено се употребува терминот „окупација на Македонија“. Во него детално се разработуваат движењето на бугарските воени единици, нивното распоредување во македонските градови и воспоставувањето целосна контрола врз комуникациските правци и железничката инфраструктура.
Самото постоење на ваков документ има особена тежина, бидејќи не станува збор за толкување на настаните направено децении подоцна, туку за службена воена наредба создадена во моментот кога окупацијата се спроведувала на терен. Оттука, тешко е да се игнорира фактот дека токму бугарските државни институции ја именувале сопствената акција како окупација на Македонија.

Уште посилен доказ претставува и познатото „Писмо до Стојана“ на секретарот на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, Методија Шаторов-Шарло. Напишан само неколку недели по окупацијата, овој документ претставува драгоцено сведоштво за расположението што владеело меѓу македонското население. Во текстот јасно се наведува дека Македонија е „окупирана од германски, италијански и бугарски војски“, а истовремено се изразува незадоволство од политиките што се спроведувале на терен. Особено е значајна забелешката дека сѐ што е македонско се прикажува како бугарско, дека се занемаруваат македонските револуционери и дека не се признаваат македонските национални особености. Ваквите констатации покажуваат дека уште во првите месеци од окупацијата постоел судир меѓу бугарската државна политика и стремежите на Македонците за национално самоопределување.
Но архивите сведочат и за нешто уште поважно. Тие покажуваат дека македонската борба не била водена само против окупацијата туку и за една позитивна цел: создавање сопствена држава. Ова особено јасно се гледа во извештајот на потполковникот Адам Петровиќ, воен пратеник при Амбасадата на Независната Држава Хрватска во Софија, испратен во октомври 1941 година. По описот на еден инцидент во Скопје, поврзан со изведување на македонската химна и реакциите што ги предизвикала кај бугарските офицери, Петровиќ заклучува дека во Македонија постои силна струја што се залага за ослободување и создавање самостојна Македонија. Токму ова сведоштво има особено историско значење. Тоа доаѓа од набљудувач што не бил дел од македонското движење, туку претставник на друга држава. Затоа неговата констатација дека во Македонија постои силна идеја за самостојна држава претставува дополнителна потврда дека Народноослободителната борба не била наметнат процес, туку израз на автентичните стремежи на македонскиот народ.
Тоа е причината поради која 11 Октомври не може да се сведе само на едно оружено дејство во Прилеп и Куманово. Неговата вистинска историска вредност лежи во фактот што тој го означува почетокот на процесот што заврши со АСНОМ и создавањето на современата македонска држава. Од 11 Октомври до 2 Август 1944 година води една јасна историска линија. Линија што започнува со отпорот против окупацијата, продолжува со организирањето на народноослободителното движење и завршува со поставувањето на темелите на македонската државност. Без востанието немаше да ја има Народноослободителната борба. Без Народноослободителната борба немаше да го има АСНОМ. Без АСНОМ немаше да има современа македонска држава.

Затоа 11 Октомври не е само спомен на минатото туку и потсетник на вредностите врз кои е изградена Македонија. Тоа се вредностите на слободата, антифашизмот, правото на самоопределување и националната рамноправност. Историските документи недвосмислено покажуваат дека востанието од 1941 година било насочено против бугарската окупација и фашизмот, а истовремено било и борба за политичко, државно и национално ослободување на Македонците. Поради тоа, сите обиди за релативизирање на 11 Октомври, во суштина, претставуваат обиди за релативизирање на еден од најважните моменти во процесот на создавање на современата македонска нација и држава. И токму затоа, осум децении подоцна, архивските документи продолжуваат да сведочат за она што не може да се избрише со политички декларации или дневнополитички интерпретации: дека 11 Октомври е денот кога Македонија го избра патот на слободата и застана на правичната страна од историјата. Д.Ст.