Ретки се личностите во европската историја кај кои социјалното потекло, поетскиот гениј, револуционерниот фанатизам и националната трагика се стопуваат во епска целина како кај Коста Апостолов Солев, во колективната македонска свест запаметен како Кочо Рацин. Роден во Велес на 2 ноември 1908 година, во град со вековна преродбенска традиција, но и во време на длабоки превирања по пропаста на Илинденското востание и во предвечерието на балканските катастрофи, Рацин го започнува својот земен тек опкружен со глината од работилницата на татка си… Иако Рациновиот животен пат траел само три и пол децении, завршувајќи трагично во темнините на планината Лопушник на 13 јуни 1943 година, тој кус временски распон опфатил неверојатна епопеја. Како целосен самоук – автодидакт што формалното образование го напуштил уште во втори клас гимназија, Рацин се воздигна до ранг на еден од најблескавите интелектуалци, марксистички филозофи, културно-историски аналитичари и литерарни творци на меѓувоениот Балкан. Неговото мастило е измешано со пот, солзи, барут, илегална хартија, затворска влага и крв. Тој бил истовремено трибун на обесправените и идеолог на македонското национално будење, кој останал маченик на сопствената идејна доследност.
Како и на Гоце Делчев пред Илинденското востание така и на Кочо Рацин – пишаниот збор хектографски се пренесувал со копирање и препишување иако бил забранет. За него во „Македонската енциклопедија“ од МАНУ, меѓу другото пишува: „…и се подготвува текстот за брошурата ’Македонија није ни српска, ни бугарска, ни Грчка‘. Во сп. ’Искра‘ се подвлекува дека ’ослободувањето на Македонија е дело на самите Македонци‘ и се покренуваат паролите: ’Да живее независна Македонија! Да живее Балканската работичкоселанска република!‘ и се повикува ’против големосрпскиот (империјализам) што ги угнетува Хрватите, Словенците, Македонците и Црногорците‘“.
Еве што запишал Кочо Рацин:
Од „Националното прашање во Македонија – Борбите на македонскиот народ за ослободуење“
„Историјата на македонските национално-ослободителни борби е тесно сврзана со историјата на капитализамот и националните борби у другите балкански земји. Тија борби носат јавен белег на две нешта: на борбите на малобројното гражданство и грамадните селски и градски маси, потиснати под турскиот апсолутизам, за национално-демократски слободи, и на борбите на зрелата и станала империалистичка буржоазија от главните европејски земји, заинтересувана от распадот на Османската империја и превзимањето на бази и сфери на влијание на Балканот. Будењето на националниот живот и епохата на национално-ослободителни борби во балканските земји почнуе едвај пред крајот на првата и през втората половина на 19. Век…
Природниот пат на експанзијата на блгарската и српската буржоазија одеше накај заостатците од Османската империја на Балканот, – накај Тракија, Македонија, Албанија, Херцеговина и Босна. Това беа земјите за кои она можеше да мечтае да ги превземе, за да го разшири своето национално пазариште. И натаму ја управи својата експанзивна дејност. Но по това време развитието на капитализамот во Европа зеде решително и завршно направление накај својата последна фаза, империализамот. Не само Европа, ами целиот свет беше поделен на империалистички сфери на влијание, и противречивото и нерамномерното развитие на капитализамот водеше накај нова поделба, која можеше да стане со една општа империалистичка војна. Балканот беше исто така место на сферни влијаниа и раскрсница на многу интернационални патишта на капиталот. Промената на балканското ’статус кво‘ неможеше да стане без согласие и интересите на великите империалистички сили, кои баш тука беа сосем опречни. Ете како во својата империалистичка експанзија блгарската и српската буржоазија се најдоа принудени да се опрат на интересите и експанзијата на великите империалистички сили, и сосем да се потчинат. Со вносот на капитали, инвестирани во најважните области на националната економија, со државни заеми и други финансијски операции, и со монополот на пазариштата за нивни стоки, тија сили скоро ги потчинија двете балкански држави и ги ставија сосем под своа економска и политичка зависимост. От друга страна они најсилно ги поттикнуеја накај експанзија за сметка на нивниот балкански ривал. Ако на пр. српската буржоазија мечтаеше за Босна и Херцеговина, анектирани от Австрија, најдуеше најсилна поткрепа от англо-френскиот и рускиот империализам. Блгарските мечти за Тракија и Македонија беа поткрепуени от Австрија, Германија, и во прво време Русија, но најдуеа силно противење кај Англија и Франција, от кои првата ја имаше Грција под свое влијание, а обете заедно големи интереси от очувањето на европејска Турција. И така, со се поголемата нужда от империалистичка експанзија, со се поголемата зависимост от внесениот капитал и политиката на една от силите, двете балкански славјански држави, Србија и Блгарија, се поврзуеја се-потесно со едниот империалистички систем на великите држави и стануеја составен дел на нивните противности и интереси, додека најпосле, по отношение на нивната експанзија во Македонија, интересите не им се чукнаја и дојдова во противност. От тија причини Македонија стана ’јаболко на раздор‘ меѓу српската и блгарската буржоазија, на која обете фрлаја грабителско око и не можеја да се согласат преку неја. От тија причини дојде и мешањето на српските и блгарските империалисти во македонските национално-ослободителни борби, кое се одрази толку фатално на македонскиот народ и процесот на неговото национално пробудуење“.
Од „Богомилите – кратка расправа по историата македонска“: „Оти токмо сега му е местото да си кажеме некоа дума и за значението на оваквиа мисли и за нас, Македонциве. Богомилството, дедо Богомил – това се наше големо културно имовиње, и нашата борба требе да оди по најздравите стапки и по вечните патишта на тија наши славни лугје! Не требе да правиме и ние от богомилството нова вера, оти помина времето на верите, сега е времето на науката и на пролетариатот што ке ги постигне смелите замисли на нашите богомили. Туку, сакаме да кажеме, кога некој Вулич ели Балугџич, ели некое нимно копиле, ке земе некоа надуена поза и ке не праша: Ами каму ви цареви и кралеви и тапија за земјата македонска? – да му речеме: еве ни го дедо Богомил! Вашите цареви и кралеви владееја над нашата земја со крв и гнасотии, и вашата тапија над земјата македонска е и така крвава и гнасна. Но колку е светла и силна царштината на деда Богомил, на македонските богомили! Колку е по силна и по висока мислата на деда Богомил, от славата и споменот на сичките ваши кралеви и царја, и на сичките гнетачи и јадачи народни, от памтивека па до сега! Ние, Македонциве, по патот на деда Богомил, по мислата на неговата вечна борба, по трагот на неговата силна вера – ке си ја дочекаме и нашата зора“!
Иако не ја дочекал конечната слобода на АСНОМ, во секој истрел на 11 Октомври, во секој партизански марш и во самиот чин на конституирањето на македонската држава се вткаени неговата мисла, неговиот збор и неговиот идеал за слободен народ во сопствена земја!
Никола Ристевски
































