Оркестарот на Македонската филхармонија вечерва, со почеток во 20 часот, ќе одржи концерт насловен „Музички код“ со диригентот Борјан Цанев, на кој ќе бидат изведени увертири од најпознатите оперски дела. Публиката ќе има можност да чуе увертири од оперите на Моцарт, Росини и Вагнер, како и увертирите „Кориолан“ од Бетовен, „Академска фестивалска увертира“ од Брамс и „Свечена увертира“ од Шостакович.
Со настапите дома и во странство, а особено со последните гостувања со Краковската, Северночешката, Софиската и Македонската филхармонија, Борјан Цанев останува еден од најбараните диригенти во Македонија и во поширокиот регион. Маестро Цанев ја балансира својата кариера помеѓу сценските настапи и наставата како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Неговиот 20-годишен ангажман како главен диригент на Македонската филхармонија одигра исклучително важна улога во квалитативниот раст на ансамблот. Во улогата на наставник и ментор, тој поведе многу генерации на музичари кон нивните професионални патишта дома и во светот. Како добитник на високите признанија „Виртуози – најдобар музички изведувач“ и ,,Ѓорѓи Божиков“ – за најдобра изведба на дела од македонски композитори, тој важи за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Во 2015 година ја предводи Македонската филхармонија на првото гостување на оркестарот во САД, вклучувајќи два концерта во Њујорк, во „Карнеги хол“ и во музичкиот центар „Кауфман“. Покрај настапите со Македонската филхармонија, маестро Цанев диригирал и со голем број познати оркестри: Лондонскиот симфониски оркестар, Софиската филхармонија, Филхармонијата во Краков, Северночешката филхармонија, Црногорскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Арад, симфонискиот оркестар „Вагнер“ од Токио…































