Со концертна вечер што ќе ги обедини македонската музичка традиција и европскиот класичен репертоар, Македонскиот културен центар во Истанбул ја продолжува својата соработка со Асоцијацијата на Истанбулската филхармонија. Денеска во ерменската католичка црква „Сурп Левон“, пред истанбулската публика ќе настапат Јаков Ангелов, виолина, и Арда Мустафаоглу, пијано. Програмата ќе започне со соло пијано-рецитал на Арда Мустафаоглу, кој ќе изведе дела од Фредерик Шопен, Лудвиг ван Бетовен и Фазил Сај. Во неговата програма се вклучени Шопеновата Мазурка во А-мол, оп. 17 бр. 4 и Балада бр. 3 во Ас-дур, оп. 47, Бетовеновата Соната за пијано бр. 23 во Ф-мол, оп. 57, како и композицијата „Black Earth“ оп. 8 од Фазил Сај.
Во продолжение на вечерта, Јаков Ангелов и Арда Мустафаоглу ќе настапат заедно, со програма составена од дела на Томазо Антонио Витали, Фриц Крајслер, Хенрик Виенјавски и Камиј Сен-Санс. Посебно место во програмата ќе има и македонската народна песна „Кажи, Анѓо“, во аранжман на Сони Петровски и преработка на Арда Мустафаоглу, со што во концертната програма ќе биде претставен и дел од македонското музичко наследство.































