Во Пекинг, Клаудија Пехштајн (49) ќе стане најстарата жена што настапила на ЗОИ и единствена жена што ќе се натпреварува на осум Игри. Таа ќе се израмни со јапонскиот ски-скокач Норијаки Касаи, кој настапил на осум ЗОИ, но ќе ја надмине Ен Абернати, санкашката од Американските Девствени Острови, која имаше 48 години на ЗОИ 2002

НА ЗОИ 2022 ВО ПЕКИНГ

Германката Клаудија Пехштајн, натпреварувачката во брзо лизгање, на возраст од 49 години, во Пекинг, Кина, ќе стане најстарата жена што настапила на Зимски олимписки игри (ЗОИ) и единствена жена и втора вкупно што ќе се натпреварува на осум ЗОИ.
– Речиси сите ми велат: Неверојатно е што сѐ уште се натпреваруваш на ова ниво. Тоа е лудо. Но јас сакам да лизгам – вели таа.
Пехштајн ќе се израмни со јапонскиот ски-скокач Норијаки Касаи, кој настапил на осум ЗОИ, и ќе ја надмине Ен Абернати, санкашката од Американските Девствени Острови, која имаше 48 години на петтите ЗОИ во 2002 година. Абернати се повреди на тренинг пред Игрите во 2006 година и не се натпреваруваше. Пехштајн, петкратната олимписка шампионка, освојувачка на вкупно девет олимписки медали (има и по две сребра и бронзи), се квалификуваше за трката со масовен старт, која дебитира пред четири години на ЗОИ во Пјонгчанг и на која учествуваат 24 лизгачки, кои треба да поминат 16 круга. Трката се одликува со сеопфатни спринтови, заземање позиција и тактика, работи за кои ветеранка како Пехштајн знае многу.
Таа ќе наполни 50 години на 22 февруари, два дена по церемонијата на затворањето на ЗОИ.
– Секој ден ми е сѐ потешко да се мотивирам, особено кога не се чувствувам најдобро и кога ги нема резултатите. Но јас сум, сепак, горда на себе. Сѐ уште можам да се натпреварувам со помладите девојки – вели таа.
Повеќето од нејзините сегашни ривалки не биле родени кога таа го освои првиот олимписки медал, бронзен на Игрите во Албервил во 1992 година. Пред 13 години, Пехштајн доби двегодишна суспензија од Меѓународната унија за лизгање (ИСУ) поради неправилности во нејзиниот крвен профил. Суспензијата не беше заснована врз позитивен тест, но ИСУ утврди дека нејзините вредности во крвта индицираат користење допинг. Пехштајн тогаш ги негираше обвинувањата, како и ден-денеска.

– Не правев и не правам ништо забрането. Можам да се погледнам во огледало секое утро – рече таа.
Но жалбата не ѝ беше уважена и мораше да ја издржи казната што ѝ нанесе голем удар на репутацијата. Таа се врати на мразот во 2011 година, но судската борба уште трае. Таа смета дека арбитражниот процес е неправеден кон спортистите, од кои се бара да потпишат договори што ги принудуваат своите случаи да ги приложат до Судот за спортска арбитража (САС). Притоа, спортистите се откажуваат од своите права да ги поднесат случаите пред судовите во матичните земји, за што Пехштајн смета дека е неправедно. Таа сака да ѝ биде укината забраната. Во 2016 година, таа го загуби случајот пред највисокиот граѓански суд во Германија, но одби да се откаже и ја префрли својата борба пред федералниот уставен суд на Германија.
– Никогаш не се откажувам. Уште се борам за моето право. Ќе одам и на Европскиот суд доколку е потребно – вели таа.
Пехштајн истакнува дека ако не ги пропуштеше Игрите во Ванкувер во 2010 година поради забраната, ова ќе ѝ беа деветти Игри во Кина.

– Тие прават навистина голема грешка и го знаат тоа. Не е лесно кога ова секогаш ми е во главата – вели таа, мислејќи на судските битки со ИСУ.
Во декември 2017 година, Пехштајн последен пат освои индивидуална титула во Светскиот куп, како најстара жена што го сторила тоа. Нејзината долговечност и резултатите предизвикуваат почит кај многу од помладите лизгачки.
– Мислам дека за неа е навистина добро што го прави тоа што ѝ се допаѓа. Зошто да не? – изјави холандската лизгачка Фемке Кок.
Пехштајн е далеку од освојувањето медал во Пекинг, но самото учество претставува победа.
– Тоа за мене е повеќе од злато – вели таа.