Од творештвото на писателката Бистрица Миркуловска

Живеела една вдовица со две ќерки, коишто многу се сакале. Се чувале како очи што се чуваат, ронката лебец ја делеле, секогаш за раце се воделе.
Но, еднаш, зиме било, се разболела постарата сестричка. Седум дена лежела: челото врелина, усните скоравени. Мајката и помалата сестричка деноноќно седеле до нејзината постела.
„Мамо, со што да ја зарадувам дада?“
„Надвор е студено. Ниту цветец да скинеш, ниту јаготка да набереш, ниту прозорец да отвориш сончев зрак да ја погали…“ воздивнувала мајката.
„Мамо, можеби под снегот има кокичиња?“ – запрашало девојчето.
„Не верувам. Рано е. Тие сѐ уште спијат во ровката земја“ – рекла мајка ѝ.
„Сепак ќе појдам да проверам“.
И девојчето излегло надвор, заткуќи, кајшто секоја година од под снегот никнувале белите ранобудници. Го распретало снегот, ама нашло само смрзната земја. Дланките ги притиснало врз местото каде што една до друга спокојно спиеле белите пупки. Некаква далечна топлина ги расонила, се раздвижиле, заитани за средба со топлиот сончев зрак. Ама дланчињата на девојчето, запретани во снегот, помодрени, затрепериле. Студот завеал низ смрзнатата земја и ги вкочанил кокичињата. Повторно потонале во длабок сон.
„Ги нема, ги нема кокичињата“ – заплакало девојчето и солзи капнале врз снегот. Со помодрени, празни раце се вратило во собата. Тивко седнало до постелата, се загледало во лицето на болната сестричка и шепотело: „Таа мора да оздравее… мора… мора…“
Едно време девојчето погледнало кон прозорецот: јадри снегулки летале и се напластувале врз веќе оснежената земја. Крице излегло надвор, фатило грст снегулки и една по една нанижало ѓерданче. Со нежна насмевка се стрчало кај болната сестричка.
„Дадо, гледај, ѓерданче… за тебе, дадо…“
Болната сестричка погледнала. Пред нејзините очи светкале дробни сребрени ѕвездички.
„Чудесно ѓерданче… ти благодарам…“ – шепнала болната сестричка, со трепетни раце го зела и си го ставила на гуша. Насмевка легнала врз нејзините испукани усни. Врелината згаснала, почнала спокојно да дише и заспала.
Тој час сребрените снегулки се сториле капки. Ама гледај чудо: капките не се разлеале, туку се престориле во низа дробни бисери.
„Спокојно спие“ – шепнала мајката – „кога ќе се разбуди, ќе биде здрава…“

(Сказната е дел од книгата „Илина“ на Б. Миркуловска)