Во Англија минималниот период на самоизолација за луѓето што се позитивни на ковид-19 е намален на пет дена, јавува Би-би-си.
Таквата одлука е донесена по разгледувањето на медицинските докази во обид да се ублажи недостигот на кадар во британската економија.
Британскиот министер за здравство, Саид Џавид, рече дека намалувањето на изолацијата на пет дена ќе ги врати дополнителните слободи и ќе го намали притисокот врз основните јавни услуги во текот на зимата.
Периодот на изолација во Англија минатиот месец беше скратен од 10 на 7 дена доколку добиете негативен тест на шестиот и седмиот ден.
Според правилата на изолација, денот кога почнуваат симптомите е нулта ден, а следниот ден е првиот ден од периодот на изолација.
Вчера, во Велика Британија се пријавени 70.924 позитивни случаи на ковид, што е најмал дневен број од 14 декември. Пријавени се уште 88 смртни случаи.
Во Британија 16- и 17-годишниците сега може да закажат дополнителна доза од вакцината, а ќе бидат повикани 40.000 тинејџери што примиле втора доза од вакцината пред најмалку три месеци.
На крајот, повеќе од 600.000 луѓе на возраст од 16 и 17 години, кои примиле две дози, ќе имаат право на дополнителна доза.