Денешното рочиште за случајот „Плацови на Водно“ е одложено поради отстуство на обвинетиот Сашо Мијалков кој е позитивен на коронавирус, како што неговите правни застапници го информирале судот. Позитивни на ковид-19 се и неколку адвокати на обвинетите во случајот, соопшти судот.
Беше предвидено денеска да биде сослушан сведокот Кирил Божиновски, а следното рочиште за овој предмет е закажено за 24 јануари.
Според обвинението, поранешниот премиер Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“, додека неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Орце Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.
Судијата Илија Трпков го води случајот, а јавната обвинителка Лиле Стефанова е застапничка на обвинението.