Фото: Игор Бансколиев

СКАНДАЛОЗНОТО ПОЛИТИЧКО ОДНЕСУВАЊЕ НАМЕТНА ГОЛЕМ БРОЈ ДИЛЕМИ

Манифестирање (не)принципиелност, егоцентричност, востановено исклучително ниско ниво на политичка култура во земјава или нешто четврто беше неодамнешниот настап на вицепремиерот за евроинтеграции во заминување Никола Димитров, кој изјави дека нема доверба во министерот за надворешни работи Бујар Османи и во други членови на Владата во однос на преговорите што се водат со Бугарија и дека тој е сменет поради несогласување со нивната позиција? Прашањето се однесува и на ништо помалку скандалозните одговори на некои членови на Владата што следуваа по истапот на Димитров, што, пак, наметнува ново прашање, за капацитетите на луѓето што се наоѓаат на највисоките државни функции и за нивната подготвеност да се справат со предизвиците со кои се соочуваат како политичари, дипломати и како државници. Поради својата контроверзна политичка биографија, Димитров и порано беше изложуван на остри критики од јавноста и од политичките противници, но судир од вакви димензии во самиот врв на Владата, додека тој формално сѐ уште е нејзин член, резултира и со дилемата дали ваквите и слични „испади“, доколку станат практика, во одредени моменти и ситуации би можеле да ги загрозат и државните интереси.
– Тоа покажува дека и политичарите се луѓе, од крв и месо. Додека се на функција, секогаш пред нив постои еден параван со кој го покриваат следењето на најчесто однапред договорените политики и стратегии, кои имаат за цел остварување некаков државен интерес. И во тој период, тие ги застапуваат и ги бранат тие ставови. Но во политиката како комплексна област, во одредени околности се појавуваат и луѓе што се разочарани и кои сметаат дека не добиле доволно за тоа што го вложиле и тогаш доаѓа до ваквите манифестации. За политичката кариера, тоа е пукање во сопствената нога, бидејќи политичките партии бараат луѓе што се стабилни и кои не манифестираат претерани амбиции. Што се однесува до опасноста ваквиот начин на комуникација да почне почесто да се применува, иако јас во конкретниот случај не гледам елементи што би го загрозиле државниот интерес, бидејќи изречените наводи и претходно можеа да се сретнат во медиумите, сепак треба да се знае дека за тоа постои безбедносен сертификат, кој мора да го поседуваат одредени државни функционери, како гаранција дека во јавноста нема да ги изнесуваат информациите што би можеле да му наштетат на државниот интерес. Иако, повторно ќе речам, јас во случајов не гледам такви елементи, сепак меѓу функционерите од тој калибар мора да постои некаков џентлменски однос, одредена политичка или дипломатска деонтологија, што подразбира дека информациите за некои работи за кои заеднички се одлучувало, нема да се објавуваат – објасни поранешниот политичар и дипломат Нано Ружин.
Спротивно на тоа, некои аналитичари сметаат дека Димитров и порано требало да ги изнесе своите ставови.

– Настапот на Димитров, доколку ја изземеме суштината на кажаното, е класична практика на политичката култура во Македонија. Државнички е да бидете гласен и (само)критичен за време на своето дејствување, а не по истекот. Низ оваа реторика се наметнува прашањето дали овој настап ќе се случеше доколку Димитров станеше дел од новиот состав на Владата – вели политикологот Иво Ранѓеловиќ.
Инаку, во критиките кон изнесеното од страна на Димитров се сплотија и власта и опозицијата. Првоповиканиот, министерот Османи одговори дека неговите позиции во преговорите со Бугарија се на линија со државните.
– Ги повикувам јавно сите колеги, сегашни и поранешни, да покажеме доблест и фер однос едни кон други, да ги задржиме нивото и довербата што долги години меѓусебно ги градевме и да им ја обезбедиме европската иднина на граѓаните што предолго само им ја ветуваме – рече Османи.
Премиерот во оставка Зоран Заев, пак, праша зошто Димитров решил сега да зборува.
– Доколку Димитров е против што било од позициите што сме ги изградиле заедно, чесно е заради народот да го каже тоа и да објасни зошто, бидејќи во спротивно останува само впечатокот дека неговото неучество во идната влада е причина за ваквите неточни и шпекулативни јавни манифестации – реагираа од Кабинетот на Заев.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби изрази жалење што Димитров, како што рече, решил дури сега да зборува.

– Жалам што колегата Димитров дознал дека не му верува на министерот Османи дури на крајот од својот мандат. Можеби би било добро тоа да го кажеше на почетокот и да пристапиме кон градење на таа доверба меѓу Димитров и Османи – изјави Груби.
По првичното соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со кое „кариеристот Димитров“ беше повикан да не глуми генерал по војна, се огласија повеќето партиски функционери.
Некогашниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник Антонио Милошоски констатира оти целата ситуација покажува дека „и Димитров и Османи се само лице и опачина на една иста паричка, којашто во Владата претставува интерес за нејзино опстанување односно лична кариера. Д.М.М.