Сашо Мијалков сепак излегува од притвор. Уважена е неговата жалба од Апелација, откако Кривичниот суд му одреди мерка притвор за „Плацеви на Водно“.
Засега не е познато дали одлучувал истиот состав на Кривичен совет или пак некои од членовите барале место нив да одлучи нивната замена.
Сега, затворот „Скопје“ во Шутo Oризари треба да ја добие одлуката, по што, веќе вечерва Мијалков треба да биде дома. Одлуката на судиите значи дека тие сметаат дека Мијалков нема да избега ако биде на слобода.
– Пуштено е решението во првостепениот суд. Жалбата е уважена, укината е мерката притворот – велат од Апелација.
Инаку, Вишото јавно обвинителство доставило предлог да се одбие жалбата на Мијалков за определениот притвор за „Плацеви на Водно“. Нему, и натаму му е активна и одлуката да се ослободи од притвор со хипотека на имот вреден 11.106.501 евра.
Судиите на Апелација, Тања Милева, Енвер Беџети и Ѓоко Ристов кои пред пет дена донесоа решение дека Сашо Мијалков може да излезе од притвор со хипотека на имот вреден 11.106.501 евра, се истите кои во јуни му ја одбија гаранцијата која се состоеше скоро од истиот имот и тежеше 10.871.170 евра. Не е познато дали овој состав повторно одлучувал.
Ако во јуни, во образложението на решението е наведено дека постои реална опасност Мијалков да избега доколку се брани од слобода, со посочување дека еднаш не бил достапен 24 часа за да биде спроведен на издржување мерка притвор, сега овој аргумент на тројцата судии исто така го нема. Сега, во решението донесено пред два дена, стои дека тој има потесно семејство во кое е родител, дека е познат и со утврден идентитет, се цени тежината на делото. Разликата помеѓу двете одлуки е и тоа што овојпат, истите судии, за разлика од претходно, не го земале предвид фактот дека Мијалков има две неправосилни осудителни пресуди за предметите „Таргет-тврдина“ и „Трезор“, со вкупно 20 годишна затворска казна. Не се цени ниту дека против него се водат и други кривични предмети.