Татo – Дедо Мраз
Верувате ли во Дедо Мраз?
Пред неколку дена
почнав да верувам и јас.
Се случи тоа кога еден татко
ми раскажа колку се труди
мечтата кај децата свои
постојано да ја буди.
Навечер на масата
става колачиња и млеко
и децата знаат дека
таков е редот,
ноќеска штом ќе дојде,
да си касне добриот дедо.
Таткото додека децата спијат,
од млекцето си пивнува,
од колачето каснува,
дури и малку си наронува,
божем Дедо Мраз дошол
и каснал,
пакетчиња оставил
пред каминот,
направил сѐ како
што треба да биде,
но никој… никој не го видел!
Наутро на Нова година,
штом децата се разбудат
гледаат дека Дедо Мраз дошол,
колачи каснал, млекце пиел
низ оџак влегол, подароци
оставил,
па патот си го продолжил.
Ееее… тогаш да видите
што е среќа.
И јас сум среќен
што постојат татковци,
кои децата свои си ги учат
во чуда да веруваат –
за чуда да им се случат!
Филип Димкоски
Зимска бајка
Иде Нова година
со сребрени коси,
во гондола седи
детска радост носи.
А горе на небо
ѕвезди ситни, фини,
од радост се смеат
или ми се чини.
Сите детски бајки
на време ги има,
а оваа бајка
ја има во зима.
Наум Попески
Лажна пеперутка
Една снегулка од ројот снегулки разлетани над градот, решила, штом на носето на некое дете ќе слета да го штипне, а кога тоа од болка ќе залелека да се растопи од радост. Поради тоа другарките снегулки ја нарекле снегулка бесна, а во умот лесна. Како и да е, снегулката тргнала по својот пат и со брзина каква што одговара на палава глава се спуштила на носето на Руме. Ниту лево, ниту десно, директно врз носето на детето што во дворот со мрежа трчало снежни пеперутки да собира. Штом се спуштила снегулката бесна, врз носето на Руме, немала друго, освен од радост да се растопи. А кога Руме разлелекан ѝ се пожалил на мајка му дека на врвот од носето има студена дамка влажна, смешкајќи се таа му рекла – тоа е поради пеперутката лажна.
Трајче Кацаров
Здрави да ми раснете!
Ѕунат, ѕунат снегулки
– сегде покрив бел…
Дење ноќе патувам,
минам светов цел.
Носам вреќа играчки,
љубов, нежност, цвет,
Здрави да ми раснете,
деца од цел свет!
Подајте си рачиња
– оро вито в час!
Дружно да запееме
– радост, весел глас:
Дедо Мраз, Дедо Мраз,
дојде Дедо Мраз.
Бистрица Миркуловска
Не може без Дедо Мраз
Нова година на прагот,
дома расправија.
За малку Дедо Мраз
без работа го оставија.
Слушнав и јас.
Ем дедо Дончо
искусен Дедо Мраз,
ем баба Даница
супер Мразица.
Од дома да не мрднувале.
Со децата на
интернет да пребарувале
некои неразбирливи звуци.
Ете ви вибери
и фејсбуци!
Треба да се снајдете, таму да го најдете!
Излегува – Дедо Мраз
да го бараме.
Го нема – ќе се скараме.
Не оди тукутака,
топла насмевка се сака,
со подарок – подадена рака!
Па така – и годинава Дедо Мраз
како и лани.
На врата ќе ни тропне,
а ти бргу отворај и
навреме стани.
Васил Мукаетов