Пилинг на усните во зима
Ниските температури, силниот ветер и долгиот престој во загреани простории ја сушат чувствителната кожа на усните. За разлика од кожата на другите делови на телото, тие немаат лојни жлезди, па затоа немаат ни заштитен слој маснотија. Бидејќи во текот на постудените месеци усните често се суви и испукани, првата и вистинска превентива треба да биде лесен пилинг еднаш неделно.
Освен тоа што постојат готови пилинзи за усни, некои можете да ги направите и сами дома. Помешајте мед и пченкарно брашно и ќе добиете смеса со која само за неколку минути, со блага масажа, ќе ги отстраните мртвите клетки. Оваа смеса можете да ја ставите и на мека четкичка за заби и така да ја масирате површината на усните.
Медот може да послужи и како балзам. Потребно е само да се намачкаат усните и да се остави смесата десетина минути. Единствен проблем кај овој препарат е неговиот убав вкус. Папајата исто така е одличен препарат за нега на усните. Со оглед на тоа дека во себе содржи ензими што имаат добро дејство на усните. Изгмечете мало количество од ова тропско овошје, нанесете го на усните и опуштете се во лежечка положба десетина минути.
Иако повеќето кармини и сјаеви во себе содржат состојки што ги омекнуваат усните, неопходна е и дополнителна нега, на пример ставање хранливи балсами.