Шефот на дипломатијата Бујар Османи не очекува да се случи раздвојување на Албанија и Македонија на европскиот самит во декември на кој повторно ќе се разгледува дали двете земји ќе почнат преговори со Европската Унија.
– Се надевам дека сериозноста ќе биде на последиците од ова одложување, од ова неефектуирање на сопствените одлуки од страна на ЕУ, кои значително ќе влијаат на довербата на самата Унија во регионот и ќе доведе до ситуација и двете држави да почнат најдоцна во јануари со преговорите – рече Османи во разговор за „Топ тема“ на телевизија „Телма“.
Тој посочи дека во 2019 година двете земји беа во обратна позиција кога ние требаше да се движиме, а Албанија немаше поддршка од неколку земји-членки и тогаш беше прашањето дали да се издвои Македонија. Смета дека во интерес на двете држави е да се држат заедно, бидејќи создаваат синергија и даваат една регионална динамика, една регионална компонента на процесот дека ова не е само демократски процес, туку и политички процес.
За тоа дали има француска иницијатива за надминување на спорот со Бугарија, Османи вели дека тоа било извадено од контекст од изјавата на вицепремиерот Артан Груби, но оти во последно време е видлива една француска проактивност во изнаоѓање на решение.
– Тоа е добро за регионот и за европската перспектива на регионот имајќи ја предвид тежината на Франција во ЕУ и навистина тоа го гледавме кога го посетивме претседателот Макрон во Елисејската палата, меѓутоа и низ сите мои средби. Јас го сретнав и францускиот колега Ле Дријан и навистина се гледа една проактивност на Република Франција, а имајќи ја тука предвид и проактивноста на Германија која што е константна и силна, кога двете најсилни држави на ЕУ покажуваат таква проактивност се разбира дека дава надеж на целиот регион дека сепак овој процес има иднина – рече Османи.