Фото: Игор Бансколиев
  •  „Македонија на дланка“ е биде проект за поддршка на развојот на локално ниво, со јавна евалуација и валоризација на идеи и нивна реализација, проект за презентирање, поттикнување, претставување планирани и реализирани дела, заедно со нивните носители, проект на дејствување и работа, проект на настојување за што подинамичен и рамномерен локален развој, проект на охрабрување и надеж!
  •  „Македонија на дланка“ е биде проект што генерира мотив за конкурентност, раст и развој на сите полиња од општественото живеење на локалната самоуправа, од економијата, стопанството, бизнисот, културата, спортот, заштитата на околината и природните ресурси, а сѐ во функција на нашите граѓани и како индивидуи, групи и како единствен колективитет, носител на севкупниот развој и просперитет на нашата држава и татковина.

Зрновци

Жителите на Општина Зрновци за свој градоначалник на локалните избори го одбраа Борчо Коцев, кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“.
Како што истакна тој за „Нова Македонија“, во четиригодишното работење посебен акцент ќе биде ставен на економијата, како и на зголемување на економската моќ на Општина Зрновци. Истакна дека ќе се донесе правилна стратегија за локален економски развој, формирање локален економски совет, привлекување инвеститори и реализирање економско исплатливи капитални проекти и инвестиции во трите населени места на општината – Видовиште, Мородвис и Зрновци.
Коцев нагласи и дека ќе се промени секундарната водоводна мрежа во должина од 12 километри, како и дека ќе се изградат зафати, брани на Видовишка Река и на Морошка Река. Ќе се работи на изградба на затворен пазар во Зрновци и нов комплекс за младите. Просторно ќе се уредува реката Зрновка кај местото Централа со речни базени, елементи за рекреација и спортување.
Новоизбраниот градоначалник најави и изградба на дом за стари лица и пречистителна станица за отпадни води и фекална канализација во Зрновци и во Видовиште, а најави и уредување на индустриската зона за мало стопанство. Истакна дека во следните четири години ќе изгради и капела, а потенцираше дека посветено ќе работи во сферата на инфраструктурата, урбанизмот, земјоделството, културата, туризмот, спортот и комуналниот развој за здрава животна средина, транспарентно во сите три населени места во општината. Советот на Општината е составен од еден советник од ЛДП-ДОМ, пет советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и тројца советници од СДСМ и коалицијата.
Општина Зрновци е најпозната по најмалата еколошка загаденост во Македонија. Изобилува со природни убавини и чиста природа и воздух. По должината на речното корито на Зрновска Река и воопшто на падините на Плачковица, постојат повеќе излетнички места што се користат од населението при државни празници и викендите, како што се Куков Рид, Брана, Девичев Вир, Вршник и слично. Од природните реткости може да се спомнат: Буовичка и Поганечка чешма, чешми со исклучително ладна и квалитетна планинска вода; Суљов Ѓол – природен воден базен каде што децата преку лето се капат и други. Значајно е да се спомне и постоењето на ендемската речна пастрмка и речниот рак, кои ги има во горниот тек на реката Зрновка.


Старо Нагоричане

Жаклина Јовановска е старо-новата градоначалничка на Општина Старо Нагоричане, која ќе ја предводи Општината уште четири години. Таа е од редовите на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“.
Јовановска нагласи дека во следните четири години ќе се насочи кон проекти во патната инфраструктура, како и кон проширување и надградба на водоводната мрежа со поврзување на нови бунари. Таа исто така нагласи дека ќе работи на изработка на техничка документација и отпочнување со реализација на канализациски системи во општината, а потенцираше и дека во следните четири години ќе работи на отпочнување со собирање комунален отпад.
Советот на Општината е составен од еден советник од листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, петмина од СДСМ и коалицијата, двајца советници од ТМОРО и еден независен советник од листата на кандидати Бојан Трајковски.
Општина Старо Нагоричане е позната по тоа што во нејзини граници постојат 43 археолошки наоѓалишта, 14 некрополи, шест археолошки објекти и два осамени наоди. Една од најпознатите локации во општината е Кокино – мегалитска опсерваторија, која привлекува голем број туристи од земјава и од светот.