По претходно донесена наредба за истрага од страна на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на 29 ноември биле издадени судски наредби за приведување на три лица поради сомнение дека се сторители на кривични дела трговија со дете и родосквернавење.
Како што информираат од МВР, полицијата презела мерки при што лишени од слобода се три лица и тоа родителите на детето Ш.А. (48) и Н.А. (41), како и А.К. (61), корисник на сексуални активности од дете кое не наполнило 14 години, тројцата од Скопје.
Од Овинителството, пак, даваат дополнителни детали според кои, првоосомничениот – татко на шест деца, од кои три малолетни девојчиња, искористувајќи исти прилики во подолг временски период извршувал обљуба со една од своите малолетни ќерки.
Во исто време второосомничената злоупотребувајќи ја својата положба, како мајка на детето кое не наполнило 14 години, го подведувала девојчето да врши полови дејствија за паричен надомест со третоосомничениот.
Таа му го носела девојчето на третоосомничениот, во неговата куќа и за паричен надомест од по 2.000 денари, а понекогаш од по 500 денари, ја принудувала да се соблекува и да има сексуални односи со него. Доколку детето одбиело, мајката употребувала физичка сила.
Дополнително, првоосомничениот злоупотребувајќи ја својата положба како татко, ја продал својата ќерка, на маж од Косово кој го пронашол преку интернет. Откако бил исплатен паричен надомест од 3.000 евра, девојчето било однесено во Косово заради склучување на присилен брак. По два месеца, тоа дошло на гости кај нејзините родители, а првоосомничениот со оправдување дека било многу далеку не ја вратил во Косово и продолжил да врши обљуба врз својата малолетна ќерка.
Во текот на денот тројцата биле изнесени пред Судија на претходна постапка, кој им одредил притвор во траење од 30 дена.
Поради фактот што Ш.А. и Н.А. се во брачна заедница од која имаат малолетни деца, ангажирани се претставници од ЈУМЦСР Скопје (ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи), за соодветно згрижување на децата.
За кривичните дела за кои се товарат осомничените е предвидена казна затвор во траење од најмалку 10 години, односно 12 години за дејствијата за кои се товари третоосомничениот.