фото: Фејсбук

Докторите во Јужна Африка известија дека новиот сој омикрон предизвикува благи симптоми, како што се главоболка и умор, и дека засега не предизвикува посериозни компликации.
Германскиот експерт, професорот Карл Лаутербах, епидемиолог и кандидат за следен министер за здравство, вели дека овие рани прогнози значат дека можеби омикрон е „божиќен подарок“, кој ќе може да го забрза крајот на пандемијата.
Тој сугерира дека големиот број мутации на шилестиот протеин може да значи дека заразата ќе биде помалку смртоносна, онака како што еволуираат повеќето респираторни вируси.

Со него е согласен и професорот Пол Хантер, експерт за заразни болести од Универзитетот „Ист Англиа“, кој смета дека Лаутербаховата теорија може да се покаже како вистинита, но истакнува дека мутираната варијанта не е целосно непрепознатлива за имунолошкиот систем на оние што го имаат прележано вирусот, или пак се вакцинирани, што е исто така добар знак.
Научниците одамна тврдат дека мали се шансите коронавирусот целосно да се искорени, меѓутоа, исто така, тврдат дека ќе прерасне во благ вирус, сличен на настинка.