Друштвото на ликовни уметници на Македонија годинава одбележува значаен јубилеј – 75 години од формирањето, а по тој повод на 1 декември во Национална галерија на Македонија во два објекти Чифте амам и Мала станица ќе биде отворена голема јубилејна изложба на членови на ДЛУМ од неговото основање до денес.
– Во рамките на изложбата ќе биде претставен богат творечки опус, слики, скулптури, графики, цртежи, инсталации, таписерии од 292 автори, почнувајки од основоположниците на ДЛУМ, преку истакнати доајени што го трасирале патот и оставиле силен белег во современата ликовна сцена, средна генерација истакнати ликовни автори, па се до новата генерација која што ја претставува иднината на ДЛУМ. Горди сме на нашето членство и со задоволство го славиме овој значаен јубилеј – велат од ова Друштвото на македонските ликовни уметници.
По повод изложбата е издаден и каталог во кој воведниот текст е на претседателот на Уметнички совет на ДЛУМ Дијана Томиќ – Радевска.
На отварањето на изложбата што ќе се одржи на 1 декември во Чифте амам со почеток во 20 часот ќе се обратат Дита Старова Ќерими – директор на НГМ, Дијана Томиќ Радевска – претседател на Уметнички совет на ДЛУМ и Ирена Стефоска – министерка за култура, а изложбата ќе ја отвори покровителот на јубилејот, претседателот Стево Пендаровски.
Поставката во Мала станица, пак, ќе може да се погледне исто така од 1 декември. Љубителите на уметноста, изложбата ќе може да ја видат во двата објекти Чифте амам и Мала станица до 12 декември, 2021 година.