Пласман на СП 2022 досега обезбедија двете селекции со најмногу настапи, Бразил (сите, в година ќе го има 22-от) и Германија (20, пропушти само два мундијала), а и Франција, со што останува само еднаш актуелен светски првак да не настапи на следниот шампионат

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ПЛАСМАН НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО 2022 ГОДИНА ВО КАТАР

Фудбалската репрезентација на Бразил останува светски рекордер, како единствена селекција што учествувала на сите светски првенства (СП), откако обезбеди пласман и на Мундијалот в година во Катар. Никогаш немало светско првенство на кое не настапила репрезентацијата на Бразил, па петкратниот светски првак (1958, 1962, 1970, 1994 и 2002 година) во 2022 година ќе го има 22-от настап на планетарните шампионати.
Во квалификациите во Јужна Америка треба да се одиграат уште пет кола, но Бразил води со 34 бода од 12 средби. На СП 2022 од Јужна Америка директно ќе се пласираат четири репрезентации, а една ќе настапи во интерконтиненталниот бараж. Се играат вкупно 18 кола. Четвртопласираниот Чиле има 16 бода од 13 меча, а со ист ефект се и Колумбија и Уругвај, па Бразил е бодовно недостижен и обезбеди пласман меѓу првите четири селекции.
Настапите на мундијалите Бразил ги почна на првиот светски шампионат, во 1930 година во Уругвај, со освоеното шесто место. Покрај петте титули, Бразил по двапати ги освои второто (1950 и 1998 година) и третото место (1938 и 1978 година).
Од Јужна Америка, и Аргентина е блиску да обезбеди играње на СП 2022 (има 28 бода од 12 натпревари), што би било 18-ти настап на мундијалите за двократниот светски шампион (1978 и 1986 година) и актуелен континентален првак.

На листата со најмногу учества на светските првенства втора е Германија, која уште во октомври го обезбеди настапот во Катар, и тоа ќе биде јубилејно, 20-то учество на Германија на светските првенства (не настапи само во 1930 и во 1950 година), на кои досега четири пати го освојуваше пехарот (1954, 1974, 1990 и 2014 година). Трет на оваа листа е европскиот првак Италија (18 учества досега, четири титули), кој денеска го игра решавачкиот натпревар, со Северна Ирска на гости.
По мечевите во саботата, настап на СП 2022 обезбедија Катар, Германија, Данска, Бразил, Белгија и Франција, која в година ќе ја брани титулата освоена на Светското првенство во 2018 година во Русија. Единственото СП на кое актуелниот првак не настапил е тоа во 1934 година (Уругвај).
Светското првенство во Катар ќе биде последно, со учество на 32 репрезентации. Од Мундијалот во 2026 година, кој треба да се игра во САД, Мексико и во Канада, за светската титула ќе играат по 48 репрезентации.