Тој е првиот што постигнува четири гола за Франција на еден натпревар, по Фонтен на СП 1958 во Шведска, а е и првиот француски фудбалер што постигна хет-трик (три гола) по Рошто во 1985 година

Актуелниот светски првак, Франција, и првопласираната на ранг-листата на Светската фудбалска федерација, Белгија, се пласираа на Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар, по саботните квалификациски мечеви. Франција го победи Казахстан со 8-0, а Белгија ја совлада Естонија со 3-1.
Килијан Мбапе постигна четири гола за „триколорите“. Тој е првиот што постигнува четири гола за Франција на еден дуел, по Жист Фонтен на СП 1958 во Шведска, во мечот за трето место против Западна Германија (6-3). Мбапе е и првиот француски фудбалер што постигна хет-трик (три гола) по Доминик Рошто во 1985 година. Холандија беше пред заверка на визата за Катар, водеше против Црна Гора со 2-0, но во последните осум минути прими два гола, за 2-2, со што се закомплицира ситуацијата во групата (Холандија води со 20 бода, по 18 имаат Турција и Норвешка, утре играат Холандија – Норвешка и Црна Гора – Турција). Герет Бејл го забележа 100-от настап за Велс, кој славеше на мечот со Белорусија (5-1). Велс е сигурен учесник во плејофот, како втор во групата Е, во која победи Белгија, или според рангирањето во Лигата на нации. Во групата Ф, Данска ја забележа деветтата победа на исто толку меча, над Фарските Острови, 3-1, но го прими првиот гол (има гол-разлика 30-1).
Пред ноемвриските мечеви, на СП 2022 се пласираа Германија и Данска. За преостанатите шест места се одлучува на последните натпревари од овие квалификации (од синоќа до утре), како и за тоа кои 10 репрезентации ќе се најдат на вторите места и ќе разигруваат во плејофот за преостанатите три европски места на СП. На 10-те второпласирани во групите ќе им се придружат и двете најдобро пласирани земји во Лигата на нациите, кои директно не се пласираа на СП 2022 како победници во групите ниту, пак, се пласираа во плејофот како второпласирани. Тие 12 репрезентации ќе бидат поделени во три групи со по четири селекции, кои ќе играат во две полуфиналиња и еден финален меч. Победниците во трите групи ќе се пласираат на СП 2022. Ждрепката за плејофот е закажана за 26 ноември, во Цирих.