Доколку сè е во ред, прегледите на простата по 40-тата треба да се прават еднаш годишно, додека пак, младите мажи препорачливо е да прават самопреглед на тестисите барем еднаш месечно

Објаснува д-р Александар Мицковски

Уролошките прегледи, кога станува збор за машкото здравје, започнуваат од најрана возраст, со една обична проверка дали тестисите кај децата се спуштени. Во адолесценција се прават прегледи и ехо за превенција на тестикуларниот канцер, кој е најчеста форма на рак кај мажите на возраст помеѓу 19 и 35 години. Прегледите поврзани со простатата започнуваат веќе од 40-тата година, објаснува д-р Александар Мицковски, хирург-уролог во првата приватна општа болница „Ре-Медика“.

Ноември е месец посветен на машкото здравје, но и месец во кој мажите се поттикнати да пуштат мустаќи и брада, за да се поттикне подигање на свесноста, да се охрабрат на разговор и да се информираат околу ракот на простатата, ракот на тестиси, но и депресијата, оќелавувањето и други болести. Некои мажи одат и чекор понатаму, односно апстинираат од сексуално задоволство во текот на овој месец.
По ракот на белите дробови, ракот на простата е втората најчеста причина за смрт кај мажите од целиот свет, а најчесто се појавува кај лица постари од 40 години, односно со зголемувањето на возраста, расте и ризикот од овој рак. Покрај возраста, други фактори за неговата појава вклучуваат пушењето цигари, нездравата диета, како и разни воспалителни болести на простатата и сексуално преносливите болести. Здравата исхрана која вклучува домати, лук, печурки, брусница, како и витаминот Д, може да биде корисна за намалување на ризикот од рак на простата и позитивно да влијае во третманот кај пациентите со овој карцином.

– Доколку сè е во ред, прегледите на простата по 40-тата треба да се прават еднаш годишно, додека пак, младите мажи препорачливо е да прават самопреглед на тестисите барем еднаш месечно. Како знаци и симптоми кои посочуваат да се појде на вонреден преглед се крв во урината, проблеми и неконтролирани нагони за мокрење, покачените ПСА-маркери, како и грутки во тестисите – вели Мицковски.

Рaната дијагноза и навремената терапија доведуваат до целосно излекување кај дури 98 отсто од случаите. Ракот на простата може да се открие преку ректален преглед, ехо-дијагностика или со тумор-маркери.

– Иако досега не е откриена конкретната причина за појавување на ракот на простата, треба да се обрне големо внимание на неговото рано откривање преку редовни уролошки прегледи. Посетувањето уролог во Македонија не претставува табу тема како што тоа беше во минатото, но, без разлика дали имате или немате симптоми, сè уште има простор за подигнување на свеста за машкото здравје, за редовно посетување на уролог и информирање – советува Мицковски.

Пуштањето брада во „мовембер“, својот зачеток го бележи од 2003 година, а потекнува од Австралија и Нов Зеланд. Хуманитарната фондација „Мовембер“ (кованица која доаѓа од првите две букви од зборот moustache, или мустаќи), започна со организирање настани за подигнување на свеста за здравствените проблеми кај мажите. Фондацијата има за цел да ги охрабри мажите на разговор за нивното здравје и да собере средства за помош во здравствените програми.