Во рамките на меѓународната соработка, во организација на Националната галерија на Македонија, е отворена изложба на скулпторот Жарко Башески со наслов „Рефлексија“ во Националната галерија на Косово, Приштина. Интересот на неговата уметничка дејност е свртен кон човекот, оттаму произлегува и интересот за хиперреалистичниот пристап во оформувањето на концептот на неговите дела, кои во теоретската проекција го надминуваат и хиперреализмот, зборувајќи за животот и светот во кој живееме.
Творештвото на Жарко Башески е изложувано во повеќе галерии и музеи во земјава, регионот, Европа и во светот и беше претставник на Македонскиот павилјон на 54. Меѓународно уметничко биенале во Венеција во 2011 година.
– Жарко Башески жестоко ги коментира рецентните општествени, политички и културни превирања, како на локално така и на глобално ниво.
Во контекст на неговиот интерес за реакција на социо-општествено-политичките идеологии од далечното и блиското минато, иронично и интеррогативно, понекогаш и саркастично реагира со транспонирање и редефинирање на актуелните состојби, при што го соголува системот во кој главен збор водат организации на водечките светски сили што под превезот на „подобрување на животот“ го преструктурираат глобалниот поредок, сè заради зачувување на сопствениот интерес. Луѓето се современи сведоци на драматичните мали и големи промени што општествата ги доживеале во историјата, која постојано се повторува – информираат од Националната галерија.
Башески, роден во Прилеп во 1957 г., е македонски вајар и професор на ФЛУ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дипломирал на ФЛУ во Скопје на Катедрата за вајарство во 1988 г. Постдипломските студии ги завршил на истиот факултет во 1998 година. Од 2000 г. до денес работи како професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Тој е автор на повеќе од дваесетина споменици и јавни скулптури што се поставени во неколку града во државата.