УЕФА за клубовите обезбеди парични награди од 1,95 милијарда евра, од тоа самиот пласман вреди 15,25 милиони, победата 2,7 милиони, ремито 900.000 евра итн.

Со вечерашните осум натпревари од првото коло во групите А, Б, Ц и Д почнува 27-та сезона во најквалитетното клупско фудбалско натпреварување, Лигата на шампионите (ЛШ). Во групната фаза ќе се натпреваруваат 32 тима, титулата ќе ја брани Реал Мадрид, најтрофејниот со вкупно 13 титули. Вкупно досега 140 екипи настапиле во групната фаза во ЛШ. Меѓу земјите (22) што никогаш немале претставник во ЛШ е и Македонија.

Од личните рекордни постигнувања за издвојување се оние на Аргентинецот Лионел Меси од Барселона и на Португалецот Кристијано Роналдо од Јувентус, кои имаат дадено по 60 гола во натпреварите во групната фаза. Најмногу настапи во групната фаза, 89, има Шпанецот Икер Касилјас, (Реал и Порто), девет помалку има Чави (Барселона), а Роналдо е со 78 настапи.

Иако е прерано што било да се прогнозира кога станува збор за новиот првак, уште отсега се издвојуваат неколку тима, како Реал, Барселона, Јувентус, ПСЖ, Манчестер сити па и Баерн, како поради минатиот труд, така и поради големите вложувања во нови играчи. Но, често се случува некој од фаворитите да киксне, и од втор план, како лани Ливерпул, да се појави екипа што ќе блесне и ќе стигне далеку.

Европската фудбалска унија (УЕФА) за клубовите што ќе се натпреваруваат во новата сезона во ЛШ обезбеди парични награди од речиси две милијарди евра. Бранителот на титулата, Реал, со сигурност може да смета на заработка од најмалку 50 милиони евра, плус пари за ТВ-правата за пренос на натпреварите во таа земја. УЕФА направи некои измени со кои клубовите од највредните радиодифузни пазари, како што се Англија, Шпанија, Германија и Италија, ќе добијат повеќе пари од договорите за ТВ-правата. Секоја екипа само за настапот во групната фаза во ЛШ ќе добие по 15,25 милиони евра, плус 2,7 милиони евра за секоја победа и по 900.000 евра за нерешено. Пласманот во осминафиналето на 16-те тима им гарантира дополнителни 9,5 милиони евра.

Новина од годинава е што четирите најдобри тима од четирите најквалитетни европски лиги, Англија, Шпанија, Германија и Италија, плус актуелниот првак, како и победникот во Лига Европа (ЛЕ) директно влегоа во групната фаза. Друга техничка измена е што натпреварите ќе почнуваат во нови термини, 18.55 и 21 часот, наместо како досега во 20.45 часот.

Фамозниот систем видеопомошник-судија (ВАР), кој добро се покажа на Светското првенство (СП) во Русија летово и сезонава ќе го нема во ЛШ (најавите се дека ќе се користи од идната сезона). Но првиот човек на УЕФА, Словенецот Александар Чеферин, најави дека има шанси ВАР да се употреби на финалниот меч на 1 јуни следната година во Мадрид.