Остуството на кворум поради недоволен број на пратеници присутни во собраниската сала резулитраше со неможност за отворање на седницата на која треба да се гласа за доверба на Владата. На седницата не присуствуваат пратениците од СДСМ и од ДУИ, како и Кастриот Реџепи од БЕСА кој најави дека нема да учествува, со што во салата има вкупно 60 народни избраници.
Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници, односно 61, според членот 95 од парламентарниот Деловник. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство.
Деловникот предвидува дека координатор или заменик-координатор на пратеничка група во текот на денот може само еднаш да побара прекин на седницата во траење од еден час. Предвидено е и дека претседателот на Собранието може да ја прекине седницата на барање на координатор или заменик-координатор на пратеничка група, заради доставување на стенографски белешки или образложение на предлагачот, дадено на почетокот на претресот по одделна точка од дневниот ред.