Фото: Архива

Во рамките на годишните истражувања на локалитетот Стибера, кај Чепигово, Прилепско, кои завршија деновиве, а беа финансирани од Министерството за култура, екипата од прилепскиот Завод и Музеј откри вредни археолошки наоди од мермер.
Откриен е мермерен жртвеник – ара посветен на богот Хермес, како и бистата на Фаустина, жената на римскиот император Антониј Пиј, кој владеел во средината на 2 век од нашата ера.


Во Стибера се откриени и две мермерни маси. На едната била најверојатно поставена терезија – вага, односно тука било местото каде била верифицирана тежината на овошните плодови, зеленчукот и житариците што се продавале. Другата маса претставува редок наод, за првпат откриен во Македонија. Тоа е таканаречена мерна маса за верификација на количините на течните продукти (млеко, вино).
Годинашните истражувања се трета фаза на ископувања на просторот веднаш до храмот на заштитничката на градот Тихе. Наодите се значајни, вредни и го потврдуваат значењето на локалитетот Стибера, вели археологот Душко Темелкоски, раководител на проектот за истражување.
Веднаш по завршувањето на археолошките истражувања, архитектот Кире Јованоски, извршил конзерваторски анализи за да може следната година да започне со реконструкција и конзервација на откриениот дел од агората во Стибера.
По неколку кампањи на конзерваторски активности, посочува Темелкоски, се надева дека ќе се добие уште една репрезентативна градба покрај храмот на заштитничката на градот, Тихе. Заживувањето на античкиот урбан центар на областа Дериоп, Стибера, како значајна туристичка дестинација, го заслужуваат жителите на блиското село Чепигово, кои се гордеат со неа и несебично помагаат при реализацијата на археолошките истражувања.

Ка.М.