Во годината на јубилејот 65 години од своето формирање, извидничкиот одред „Мирко Милески“ од Кичево, викендов ги организира традиционалните „Септемвриски извиднички средби“.
Овие средби годинава се одржуваат по 45-ти пат, а во минатото биле познати под името извиднички средби „Црвениот септември“,а место на одржување на средбите била месноста Кнежински манастир. Бидејќи се прославува убав јубилеј, средбите годинава ќе имаат забавно-натпреварувачки карактер.
– Покрај во Кнежинскиот манастир во изминатите години средбите се одржувале и на други локации, село Орланци,Китиното Кале и на местото каде што денес е лоциран одредот. Во трите дена 14, 15 и 16 септември извидничките одреди ќе се натпреваруваат во дисциплините, спортски игри, ориентација во простор, стреличарство, шаторијада и качување по карпи. На годинешните средби ќе земат учество 10 извиднички одреди од целата земја. За учество на средбите извидниците ќе мора со себе да понесат шатор, бусола, прибор за цртање, прибор за прва помош, прибор за јадење, вреќи за спиење и прибор за лична хигиена. Пријавувањето на одредите беше до 10 овој месец а на годинешните средби ќе учествуваат над 130 извидници од домашните клубови. Очекуваме и времето да послужи и се да протекне во најдобар ред – истакна Бобан Стојаноски, началник на извидничкиот одред „Мирко Милески“ Кичево. З.А.