Фото: Игор Бансколиев

По најавите дека и пензионерите што немаат дополнителни примања ќе мора да се регистрираат за проверка на подготвената годишна даночна пријава, реакциите во јавноста не стивнуваат. Граѓаните укажуваат дека во голем дел од населените места воопшто нема Интернет, ниту, пак, сите повозрасни лица се во можност или имаат знаење за да се пријават електронски на веб-страницата на УЈП

За некого олеснување за некого тешкотии и дополнителни трошоци донесе одлуката на Управата за јавни приходи сите граѓани да се регистрираат на новиот портал за пополнување на годишната даночна пријава. По најавите дека и пензионерите што немаат дополнителни примања ќе мора да се регистрираат за проверка на подготвената годишна даночна пријава, реакциите во јавноста не стивнуваат. Граѓаните укажуваат дека во голем дел од населените места воопшто нема Интернет, ниту, пак, сите повозрасни лица се во можност или имаат знаење да се пријават електронски на веб-страницата на УЈП.

По реакциите во јавноста за новиот начин на поднесување на годишните даночни пријави, директорката на УЈП, Сања Лукаревска, изјави дека ниту еден граѓанин, вклучувајќи ги и пензионерите, нема да биде изземен од реформата. Ако некое лице не се пријави првата година, УЈП ќе стапи во контакт со него, за да го воспостават потребниот линк и тоа да се регистрира.

На новинарско прашање дали следуваат казни доколку некој не пријави данок, Лукаревска одговори потврдно, но не одговори колкава е висината на казната.

– Да зборуваме за убави работи, не за казни. Со новиот модел на пријавување данок, граѓаните се ослободени од пополнување ГДП, тоа ќе биде работа на УЈП. Ниту, пак, пензионерите треба да стравуваат, сите проблеми на кои ќе наидеме ќе ги решаваме во континуитет. Ако досега УЈП ги контролираше годишните даночни пријави, отсега граѓаните ќе ја контролираат УЈП. Граѓаните ќе бидат тие што ќе ја потврдат или поправат пријавата што ќе им ја испрати УЈП – кажа Лукаревска.

Таа појасни дека оние пензионери што не можат да се регистрираат на Интернет, можат истото тоа да го направат на нивните шалтери, или, пак, да побараат да им биде испратена екипа од мобилни шалтери на УЈП, кои ќе одат и до најоддалечените места и ќе им помогнат на граѓаните при регистрацијата. Интенција на УЈП, додаде Лукаревска, не е да казнува, туку да го олесни процесот на пополнување на пријавите.

Лукаревска посочи дека нема да има казни ако некој пензионер не се регистрира.
– Конечната цел е да спроведеме успешна реформа, која ја користат другите даночни администрации во поразвиени земји. Нашата цел е да стапиме во непосреден контакт со сите лица и никој да не биде изземен. Ќе почнеме со соодветна кампања до секое најоддалечено место во нашата држава. Имаме и телефонски линии и веб-страница и веруваме дека ќе направиме сѐ тоа да заврши со една успешна реформа. Нашата интенција не е ако некој не се регистрира, веднаш да го казниме – истакна директорката.

Лицата што немаат Интернет или поради други околности не можат да се регистрираат ќе може да ополномоштат друго лице. Исто така, тие ќе може лично да отидат на шалтер во УЈП со лице што ќе го овластат во нивно име да ја прима пријавата.

– Доколку лицето нема Интернет, предвидени се варијанти каде што лицето може да овласти друго лице во негово име да ја потврди или коригира годишната даночна пријава – рече Ивана Дончевска, раководителка на секторот за регистрација и утврдување данок.

Таа додаде дека преку сите комуникациски канали, УЈП ќе се обиде да дојде до сите обврзници.

– Новината што ја воведува УЈП ќе им создаде проблеми на голем дел од пензионерите. Има такви како мене што брзо ќе се снајдат и ќе можат да се прикачат на Интернет за да ја проверат пријавата, јас на пример немам потреба од нивна помош, сам можам да го направам тоа, сам можам да пополнам даночна пријава. Но многу пензионери што живеат понастрана од економските центри, во некои села без пристап до Интернет, како ќе го направат тоа. Ќе треба да патуваат до одредени поголеми економски центри, а прашање е дали ќе можат да се снајдат и да се пријават на веб-страницата… Тоа ќе биде навистина голем товар за пензионерите и околу ова прашање се јавуваат многу дилеми – вели поранешниот професор Љубе Трпески.

Професорот Зоран Ивановски, пак, истакна дека доколку се сака, може да се најде решение и смета дека новината нема да биде толку голем проблем, особено ако се активираат мобилните екипи на УЈП.

– Поголем дел граѓани имаат некој помлад што ќе им помогне да се најде решение за да се приклучат на веб-страницата на УЈП и да се регистрираат во системот. Кај поголем дел од популацијата проектот ќе помине без проблем, бидејќи имаат пристап до Интернет и кон тој тренд би требало да се придвижиме сите. Во светот веќе се практикува ова, покрај даночните извештаи, и сметките се плаќаат електронски, а во таа насока треба да се движиме и ние, како и целиот свет. Сигурно дека има лица што немаат пристап до Интернет, кај кои ќе се појави проблем, но тој може да се надмине на повеќе начини. Еден начин е преку мобилните екипи на УЈП, кои ќе ги посетат пензионерите во нивните домови и со нивна помош ќе се пријават лицата што сами не можат да го направат тоа, ќе се заврши целата процедура – објаснува Ивановски.

Тој додаде дека е можно првата година да има тешкотии, особено за вработените во УЈП, и прашање е дали временски ќе можат да стигнат да ги пријават сите до предвидениот рок, но смета дека проблемот не е нерешлив.

И претседателот на Здружението на даночни советници, Павле Гацов, смета дека УЈП преку мобилните шалтери треба да ги посети пензионерите и да ги регистрира, бидејќи голем дел од нив нема пристап до Интернет.

– Регистрација се врши според пропишани правила и процедури со кои се штитат податоците за граѓаните. За жал, овие процедури не земаат предвид дека даночни обврзници се и пензионери, потоа дигитално неуки, како луѓе што се болни, дури и слепи, за кои овој бирократски чин на регистрација ќе биде особено тежок. Ангажирањето полномошник создава друг вид обврски, за кои треба и да се плати – појаснува Гацов.


Сите што остваруваат приход да се регистрираат во е-системот на УЈП

Сите физички лица што во текот на 2018 година имаат остварено приход, вклучувајќи ги и оние што примиле само плата и пензија, треба електронски да се регистрираат во Управата за јавни приходи на системот е-персонален данок.
Од УЈП, како што беше посочено на завчерашната прес-конференција, ги повикуваат граѓаните поскоро да го направат тоа и да не го чекаат крајниот рок 31 декември 2018 година.
Обврска за регистрација во системот имаат сите физички лица што оствариле приходи по која било основа – плата, регрес за годишен одмор, приходи од закуп, добивка од игри на среќа, од странство, пензија и други приходи што подлежат на оданочување со персоналниот данок на доход заради прием на пополнетата годишна даночна пријава што од 1 јануари 2019 година ќе ја доставува УЈП.
Физичките лица ќе треба електронски да се пријават на системот e-pdd.ujp.gov.mk. Откако електронски ќе се пријават на системот, потоа си ги потврдуваат податоците во УЈП.
Пополнетата годишна даночна пријава преку електронскиот систем, УЈП треба да им ја достави на граѓаните најдоцна до 30 април 2019 година. Граѓаните ќе треба да ги потврдат или коригираат податоците од пополнетата даночна пријава најдоцна до 31 мај 2019 година.
Во електронскиот систем досега се регистрирани 13 илјади граѓани.