По блокадите што ги постави Бугарија на процесот на проширувањето и на почетокот на пристапните преговори за Македонија, објавувањето на годинашниот извештај на Европската комисија ги губи својата смисла и значење за македонските граѓани. Тие знаат дека каков и да биде напредокот во некоја од областите, одлуката за пристапување на нашата земја во Европската Унија се одложува за некое неопределено време
Извештаите на Европската комисија, во кои секоја година се мери напредокот во сите реформски области на земјите од Западен Балкан, ќе бидат објавени неделава во Европскиот парламент. Извештаите пред европратениците ќе ги презентира Оливер Вархеи, еврокомесар што е задолжен за процесот за проширување на Европската Унија, чија функција последните години, кога се однесува на проширувањето кон земјите од Западен Балкан, е сведена само на подготвување годишни „описни“ оцени за тоа дека некоја земја, во некоја од областите постигнала „одреден напредок“ или, пак, е „умерено подготвена“. Во европското свидетелство за нашата држава очекуваме да бидат потврдени минатогодишните достигнувања во однос на политичките критериуми, а тоа е дека „Северна Македонија продолжи да ги спроведува реформите поврзани со ЕУ во текот на целиот извештаен период“. Од реформата во јавната администрација се надеваме на потврдување на напредокот во транспарентноста. Најверојатно и поради секојдневното присуство на премиерот Зоран Заев во медиумите и давањето отчет за секојдневните случувања во земјата, доколку и тоа се смета како дел од транспарентното работење на македонската влада! Следно што очекуваме е судскиот систем во 2021 г. да постигне „одредено ниво на подготовка“ со забелешка дека е „умерено подготвен“. Можно е, истата оцена да ја добиеме и за борбата против корупцијата… За да не дојде до забуна, ова се наши претпоставени оцени што ќе ги добие Македонија за напредокот во реформите. Нашите предвидувања се базираат на досегашните презентации на годишните извештаи на Европската комисија, чија содржина се преповторува со години, со мали корекции, кои можат да ги детектираат само доброупатени лица во потесните дипломатски кругови. Од актуелната власт или од опозицијата, тие беа толкувани на различни начини, додека граѓаните, ако го користиме речникот на европските дипломати, покажуваа „умерено“ интересирање за содржината на извештаите на Европската комисија.
По блокадите што ги постави Бугарија на процесот на проширувањето и на почетокот на пристапните преговори за Македонија, објавувањето на годинашниот извештај ги губи својата смисла и значење за македонските граѓани. Тие знаат дека каков и да биде напредокот во некоја од областите, одлуката за пристапување на нашата земја во Европската Унија останува за некое неопределено време. Нивната европска иднина е во тесна зависност од исполнувањето на критериумите за регионална соработка, што од перспективата на Брисел подразбира „продолжување на спроведувањето на билатералните договори, вклучувајќи ги и Договорот од Преспа и Договорот за добрососедски односи со Бугарија“. За какви „добрососедски односи“ се залагаат во официјална Софија ни е добро познато и доколку бугарската политичка елита не отстапи од нивните националистички ставови и барања со кои се негираат македонскиот идентитет и јазик, добивањето согласност за почеток на пристапните преговори со ЕУ до крајот на годинава е сведено на минимум.
Неизвесноста за пристапување во Европската Унија е присутна и за другите земји од Западен Балкан, поради заострување на критериумите што треба да ги исполнат. Повеќе меѓународни експерти се согласни во ставот дека одлуката за проширувањето на ЕУ претставува повеќе политичко прашање отколку што станува збор за (не)исполнување на некои предвидени реформи. Со одолжувањето на проширувањето се прави стратегиска грешка, бидејќи, како што вели познатиот британски историчар Тимоти Гартон Еш, проширувањето на европското семејство од шест на 27 члена е најголем успех во целата историја на ЕУ. Тој, во разговор за Радио Слободна Европа, отворено порачува „одржувањето на стандардите да почнува од државите-членки, како што се Унгарија и Бугарија, кои се веќе во европскиот блок“, а посакува и помалку „постојана спирала на растечки барања кон земјите-кандидати на Западен Балкан“.
Извесно е дека наредниот период се очекува интензивна меѓународна дипломатска активност на Балканот, имајќи ги предвид и случувањата во Црна Гора и во Босна и Херцеговина. Што се однесува до Македонија, таа и натаму останува заложник на бугарските заблуди за минатото и на поделеноста во Европската Унија околу приемот на нови членки. За наша утеха ќе ни остане и годинашниот извештај на ЕК, во кој уште еднаш ќе биде констатиран „напредокот“ на земјата со препорака за отпочнување на преговорите за зачленување во ЕУ
Со свој поглед за состојбите во земјите од регионот, кои сѐ повеќе се изложени и на политичките и економските интереси на трети земји, пред сѐ од Русија и од Кина, се наметнуваат и Соединетите Американски Држави. Заменик-помошникот државен секретар и специјален пратеник на претседателот на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, неделава изјави дека новата американска администрација ќе биде многу поактивна во регионот, повторувајќи го ставот на Вашингтон, дека долгорочно решение за многу проблеми на Балканот е членство во ЕУ за сите земји во регионот. Според него, како што пренесе „Глас на Америка“, Европската Унија треба да ја забрза динамиката на интегративниот процес на Западен Балкан. Затоа, со именувањето на искусниот американски дипломат Кристофер Хил за нов амбасадор на САД во Србија, може да се очекува поголема динамика на надворешнополитичките случувања во регионот, а не се исклучува и да се засили притисокот врз Белград, но и над Приштина, за изнаоѓање компромисно решение за косовскиот проблем, кое не е можно и без согласноста на Русија, која досега се изјаснуваше дека ќе го поддржи секој предлог за кој ќе се согласи и Србија. Извесно е дека наредниот период се очекува интензивна меѓународна дипломатска активност на Балканот, имајќи ги предвид и случувањата во Црна Гора и во Босна и Херцеговина. Што се однесува до Македонија, таа и натаму останува заложник на бугарските заблуди за минатото и на поделеноста во Европската Унија околу приемот на нови членки. За наша утеха ќе ни остане и годинашниот извештај на Европската комисија, во кој уште еднаш ќе биде констатиран „напредокот“ на земјата со препорака за отпочнување на преговорите за зачленување во ЕУ! Но ако реално погледнеме во изминатите години, оцената за целиот регион во поглед на спроведување на реформите и приближувањето кон Европската Унија може да биде само во два збора: „Трчање во место“!