Сакам молчаливи колумни. Седиш дома, а надвор врне молк. Предизборен молк. Закон за кој никогаш нема да стане јасно зошто постои. Има многу апсурдни закони. Римјаните знаеле дека колку помалку закони, толку повеќе квалитетно судство. Бог даде десет заповеди. Десет закони. Европската Унија, пак, секој ден штанца нови закони. Човек не може да ги пофати. Затоа Уставниот суд на Полска пресече дека европското право е противуставно на нивното. Унијата западна во хистерија. Како да започнала нова војна. Како да започнала нова војна… среде Косово, на пример.
Ќе почне ли уште една војна на Балканот? Бивш американски амбасадор во Хрватска го најави тоа пред неколку дена. Лавров беше во Србија. Викторија Нуланд отрча во Москва. Србија купи оружје од Русија. Ричард Гренел го обвинува Косово дека не го почитува договорот потпишан во Брисел. Хрватска купи оружје. Република Српска најави своја војска. Банана-сатрапијата Нордистан дозволи косовска војска да влегува на нејзина територија. Нордистан не ни има контрола над својата територија. Нордистан е Орвелов експеримент, абортирана зомби-фикција. Затоа најмногу ќе настрада.
Владимир Путин испрати сериозна предупредувачка порака до Приштина. НАТО ѝ даде поддршка на косовската полиција. САД нешто се закануваат. Балканот врие. Ама Балканците се златни рипки. Паметат пократко од нив. Никој веќе не се сеќава на британскиот дипломат Тимоти Лес. Тој со години повторува дека на Балканот веќе не функционираат мултиетнички држави. Заговара голема Албанија, Србија, Хрватска, Бугарија, на сметка на Босна, Косово и Македонија (во меѓувреме Нордистан). А тука сите си свиркаат, надевајќи се дека несреќата ќе падне само во дворот на комшијата.
Макрон повторно најавува европска војска. Нож во грбот за НАТО. И за САД. Но и Соединетите Американски Држави ѝ забија нож на Франција. Ја убедија Австралија да купи од нив подморници, а не од Французите. САД, Британија и Австралија. Новата антикинеска коалиција. САД многу љубат коалиции. Веројатно така поразите полесно се поднесуваат. Сега ќе ја опколуваат Кина. Оти, нели, со талибанците ептен успешно се справија. И Тајван ќе го бранат од Кинезите. Кина им порача дека американските војници први ќе страдаат.
Затоа САД ќе продолжат со санкции кон Русија, која е толку потресена што си тера самит за енергетика. Патем потпишува договор со Кина за нов гасовод. Претседателот Путин изјави дека ќе ѝ помагаат на Европа среде енергетската криза што започна. САД веднаш рипнаа да ја обвинат Русија за кризата. Пуштаат информации дека Русија намерно ја намалила испораката на енергенти за Европа, ама па својот извоз го пренасочија од европско кон азиско тло. Чудно, нели? Виновен е тој што вели дека ќе испорача онолку колку што Европа бара, а не оној што ја намалува испораката.
Енергетска криза. Умните велат, со неа доаѓа и економска. Облечени се во инфлација. Зад нив маршираат глад, студ, тага, немоќ, безнадеж, очај, гнев, хаос. Јас не се разбирам во енергетика и економија. Ама добро ми оди низ животов со кризи, студ, прашање што утре да се јаде, гнев и слични радосни состојби.
Ги сакам молчаливите колумни. Седиш дома, а надвор врне молк. Земам чадор, излегувам да прошетам под тој врнежлив молк. Одам и размислувам за нешта што воопшто не ме допираат, ама постојано се околу мене. На пример, многу ми се срцки оние што ми ја носат Европа дома. Сте забележале такви наслови? Тој или таа ја донесоа Европа дома. Со својот нов проект ќе ни ја донесат Европа дома. Што им значи тоа? На што точно мислат? Што им згрешила географијата, па така се однесуваат со неа? Или можеби станува збор за некаква симболика? На пример, дали тоа значи дека Балканот реално е на европскиот континент, ама симболично не е? Ако го проследиме случајот на Јоханес Хан, може и да дојдеме до таков заклучок. Тој побара да се спроведе насилство за промена на името, нарачувајќи од власта балкански методи врз неистомисленици. Дали тоа значи дека ако нарачаше европски методи, тогаш најцивилизирано демократски ќе се признаеја резултатите од референдумот? Дали е тоа разликата?
Или да ги поставиме нештата поинаку. Европската Унија бара да се договориме со Бугарија за да влеземе кај нив. Бугарија бара да прифатиме дека тие не биле фашистички окупатор како што вели историската наука, но и дека ние сме Бугари што зборуваат дијалект на бугарскиот јазик. ЕУ ги поддржува, како што ја поддржуваше Грција во идиотизмот дека само тие поседуваат македонски идентитет, а не оние што отсекогаш се нарекувале Македонци. Дали тоа значи дека ја носиш Европа дома ако се правиш удрен, па лажеш дека она што било фашизам, не е, а она што си бил отсекогаш, не си? Дали всушност доаѓањето на Европа кај тебе дома, значи дека ти веќе немаш дома, зашто не ти припаѓа, оти не постоиш?
Не манипулирај, Русјаков, се мисли на европски вредности.
На империјализам, колонизација, егзодуси и инквизиција? Маркс, Хитлер и Мусолини? На тие вредности мислиш?
Пак манипулираш. Се мисли на Хомер, Моцарт, Ван Гог. Ајнштајн, човекови права, еднаквост, правда, хуманизам.
Разбрав. Ама Хомер е од Балканот. Моцарт умре во беда и не му се знае гробот. Ван Гог не продаде ниту една слика за време на својот живот. Ајнштајн избега од европските вредности за кои ние треба да кажеме дека не се случиле, за да ѝ влеземе на „Европа“ дома. Таму, кај нив, човеково право е да бидеш хомосексуалец, ама хомосексуалецот не смее да се чувствува Македонец и да зборува македонски јазик. Еднаквоста важи само за избраните, а правдата не е еднаква за сите. Особено не важи ако, на пример, добиеш правда на Меѓународниот суд во Хаг. Џабе си ја добил. Тогаш хуманистиве ти велат, тоа е само парче хартија. Не бараат ниту правда за Асанж, како што ја врескаат за Навални. За таква ли правда зборуваме? А хуманизам има во Европа. Се учи како правец заедно со ренесансата. Оној другиот хуманизам го знаеме уште од атинската робовладетелска демократија како европска колевка, до ден-денешен, кога со коалициските партнери го разнесуваат тој хуманизам низ Балканот, на Блискиот Исток и во Африка.
Затоа мене поблиски ми се божествените вредности на Христос. „Еврејските“ вредности на пророците. „Кинеските“ вредности на Конфуциј. „Индиските“ на Ганди. „Руските“ вредности на Достоевски, Берџајев и Путин. „Африканските“ на Нелсон Мандела. „Американските“ вредности на Марк Твен, Мартин Лутер Кинг и Едвард Сноуден. Наводниците се намерно ставени. Потребни се. Затоа што се тоа вредности на божји пратеници, поединци, мудреци, генијалци, херои. Не на цели народи, територии, држави или континенти. Како што запнале забеганиве да ми напикаат по дома европски вредности.