Западен Балкан
Малолетничката деликвенција како дел од криминалот се намалува во бројот во повеќето земји во регионот во последниве години. Ова, меѓу другото, е сублимиран заклучок од официјалната статистика на оваа тема направена во земјите од регионот за време на пандемијата, пишува „Ал џезира Балкан“.
Според анализата на медиумот, иако малолетничкиот криминал бележи намалување во повеќе сфери во државите во опкружувањето, сепак, во исто време има зголемен говор на омраза и насилство преку интернет, како резултат на посебниот виртуелен вид на живот што го наметна коронавирусот, со ограничено дружење, нервоза, депресија и слично.
Анализирајќи ја структурата на кривичните дела во вкупниот број на малолетничка деликвенција, во текот на 2020 година во Хрватска има пропорционално намалување речиси на сите групи кривични дела во рамките на малолетничката деликвенција, а вкупното намалување изнесува 17,5 отсто. Според „Ал џезира Балкан“, со оглед на мерките и фактот дека децата и малолетниците во својот дом неизбежно повеќе ги користеа можностите што ги нудат интернетот и модерните технологии, дојде до неочекуван пад на бројот на кривични дела извршени преку компјутерските системи, програми и сл.
Децата и малолетниците во Хрватска извршиле 42 вакви дела во 2020 година, што е намалување за 20,8 отсто во споредба со претходната година. Во Србија, според податоците на Републичкото биро за статистика, во 2020 година имало 2.524 кривични пријави против малолетници, што е намалување за 13 отсто во споредба со претходната година. Како што пренесуваат медиумите, во таа насока до Советот за извршување кривични санкции биле поднесени 1.750 предлог-обвиненија, додека изречени биле 1.239 кривични санкции, што исто така е податок што бележи намалување за 26 отсто во споредба со претходната година.
Слични се податоците на оваа тема и во БиХ. Во 2020 година, обвинителството во Босна и Херцеговина реши 410 пријави за кривични дела против малолетници, што е за 79 пријави помалку од претходната година.
Од процесираните предмети, 120 малолетници беа обвинети, а 107 од нив беа кривично санкционирани. Во огромно мнозинство, ова се едукативни мерки, додека во 2,8 отсто од случаите во земјата е изречена затворска казна, наведуваат регионалните медиуми.