За Македонија следуваат два меча во октомври, на гости кај Лихтенштајн и дома со Германија, а во ноември се и средбите со Ерменија на гости и со Исланд дома. По шест кола, во групата Ј води Германија со 15 бода, а потоа на мала бодовна разлика се Ерменија со 11, Романија со 10 и Македонија со девет бода, со што останува крајно неизвесна трката, особено за второто место, кое носи пласман во баражот
ФУДБАЛ – ПО ШЕСТ КОЛА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ
Македонската фудбалска репрезентација по трите ремија во септемврискиот дел од квалификациите за пласман на Светското првенство в година во Катар, се најде на четвртото место во групата Ј. По нерешените средби со Ерменија (0-0 во Скопје) и со Исланд (2-2 во Рејкјавик), црвено-жолтите ремизираа и со Романија, 0-0, во Скопје, во меч во кој македонските репрезентативци доминираа во поседот на топката (57-43 во проценти), ударите во голот (6-2), вкупно упатените удари (14-7)…
По шест кола, во групата Ј води Германија со 15 бода, а потоа на мала бодовна разлика се Ерменија со 11, Романија со 10 и Македонија со девет бода, со што останува крајно неизвесна трката, особено за второто место, кое носи пласман во баражот.
Македонската репрезентација го освои првиот бод во шестиот квалификациски натпревар во дуелите со Романија. Сега следуваат два меча во октомври, прво на гости кај Лихтенштајн, на 8 октомври, а потоа дома, три дена подоцна, со Германија. Во ноември се и средбите со Ерменија на гости и со Исланд дома.
На СП 2022 ќе се пласираат победниците на десетте квалификациски групи, како и три селекции од баражот, во кој ќе настапат вкупно 12 репрезентации, и тоа десетте второпласирани во групите од квалификациите и уште две селекции што победиле во некоја од групите во Лигата на нациите, но кои не се пласирале на СП 2022 или не обезбедиле место во баражот низ редовните квалификации.
По септемвриските мечеви од квалификациите, селекции во водство со повеќе бодови предност се Белгија (девет бода предност пред второпласираната селекција, која има еден меч помалку) и Данска (седум), која и по шест меча нема примено гол (гол-разлика 22-0). Најизрамнети групи се групите Г и Х, во кои по две репрезентации водат со по 13 бода (Холандија и Норвешка во групата Г и Хрватска и Русија во групата Х). Во случај на ист број бодови, прво решава вкупната гол-разлика.
ГРУПА Ј
Македонија – Романија 0-0
Ерменија – Лихтенштајн 1-1
Исланд – Германија 0-4
ТАБЕЛА
Германија 6 5 0 1 17-2 15
Ерменија 6 3 2 1 7-9 11
Романија 6 3 1 2 9-6 10
Македонија 6 2 3 1 11-6 9
Исланд 6 1 1 4 6-14 4
Лихтенштајн 6 0 1 5 2-15 1
Идно коло (8 октомври): Лихтенштајн – Македонија, Германија – Романија, Исланд – Ерменија.