Процесот на консултации почнува со актерите, играчите и тренерите, но фудбалот е за сите што се вклучени. Се консултираме со играчи и со клубови од целиот свет, како и со 211 асоцијации-членки на ФИФА, бидејќи сите тие имаат еднакво право да се слушаат. Тековниот календар на натпревари ни покажува дека сме достигнале некои граници. Се надеваме дека ќе го финализираме до крајот на годинава, за да можеме да гледаме во иднината, бидејќи постојниот меѓународен календар на натпревари за мажи завршува во 2024 година, вели Инфантино, претседателот на ФИФА, пред почетокот на дебатата на техничката советодавна група, составена од поранешни фудбалери и тренери

Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, ги поздрави истакнатите поранешни фудбалери и тренери во пресрет на дебатата за иднината на меѓународниот календар на фудбалските натпревари во Доха, велејќи дека статус кво ситуацијата е неодржлива за здравјето на глобалната игра и за нејзините играчи, пренесе ФИФА на својата интернет-страница.
Ѕвездите со вкупно над 300 натпревари на светските првенства и вкупно повеќе од 3.000 меѓународни настапи формираат техничка советодавна група за фудбалот за мажи и многумина други се собрани во Катар за да ги дадат својот увид и искуства за предизвиците презентирани од тековната организација на календарот и нудат потенцијални алтернативи што балансираат некои од регионалните нееднаквости за фудбалот да стане вистински глобален, пишува ФИФА. Опсежниот процес на консултации, предводен од шефот на ФИФА за глобален развој Арсен Венгер, се состанува по барањето на 166 асоцијации членки на ФИФА на 71-от конгрес на Светската фудбалска федерација да го прегледа постојниот календар и да предложи опции за негова оптимизација. Џил Елис ќе води сличен аналитички процес околу фудбалот за жени.
– Процесот на консултации почнува со актерите, играчите и тренерите, но фудбалот е за сите што се вклучени. Се консултираме со играчи и со клубови од целиот свет, како и со 211 асоцијации-членки на ФИФА, бидејќи сите тие имаат еднакво право да се слушаат. Ова се однесува на демократијата: новата ФИФА е демократска организација и ние ги почитуваме сите гласови, затоа што е важно да се слушнат сите гласови за да се донесе одлука и да се продолжи напред – рече Инфантино, пренесе ФИФА.
Неверојатната глобална платформа на фудбалот е нагласена од четири милијарди гледачи во светот што го гледаа Светското првенство во Русија во 2018 година и 1,2 милијарда на Светското првенство за жени една година подоцна во Франција. Овие љубители на фудбалот, исто така, го даваат својот збор како дел од овој опсежен преглед, пишува ФИФА.

– Гледачите се најважниот дел од фудбалот. Душата на фудбалот е неговото срце што чука и ги слушаме гледачите од целиот свет, а не само одредени делови, бидејќи фудбалот е глобален спорт. Тековниот календар на натпревари ни покажува дека сме достигнале некои граници. Периодот на ангажман за репрезентативниот фудбал, влошен од ситуацијата со ковид-19, ни покажува колку е тешко денес играчите да патуваат од една во друга земја, од еден континент до друг, да ја почнат сезоната типично во Европа, а потоа да запрат и да играат за националниот тим, а потоа да патуваат низ континенти и временски зони за повторно да играат за својот клуб. Не е добро за здравјето на играчите и не е добро за здравјето на натпреварите. Овој глобален процес е исцрпен, обемен и е знак за почит од ФИФА кон целиот свет. Се надеваме дека ќе го финализираме до крајот на годинава, за да можеме да гледаме во иднината, бидејќи постојниот меѓународен календар на натпревари за мажи завршува во 2024 година – вели Инфантино.