И покрај тоа што битолчани очекуваа кандидатот за градоначалник на Битола од ВМРО-ДПМНЕ да го слушнат утре, за време на претстојот на лидерот на партијата Христијан Мицкоски во Битола, сепак, како што стојат работите, името на кандидатот за градоначалник од оваа партија битолчани ќе го слушнат в четврток.

Имено, според партиски извори, имињата на кандидатите за Битола и за неколку други општини ќе бидат соопштени в четврток, кога треба во седиштето на партијата да се одржат седници на Извршниот и Централниот комитет.

И покрај неколкуте направени анкети Мицкоски се уште не одлучил кому ќе му укаже доверба. Тоа што се знае е дека ВМРО-ДПМНЕ планираше на изборите да излезе со сопственикот на приватната болница „Плодност“, д-р Таше Трпчевски, но тој уште на почетокот категорично го одбил таквиот предлог.

Во ВМРО-ДПМНЕ во игра се неколку кандидати, кои беа предмет на анкети. Тоа се д-р Тони Коњановски, актуелниот локален лидер Пеце Милевски, пратеничката Олга Лозановска, д-р Блашко Гочев, поранешниот пратеник Спире Мавровски и архитектот Зоран Николовски. Кој од нив ќе ја стекне довербата на лидерот на
партијата ќе се знае в четврток, по празникот 8 Септември, велат партиски извори. М.М.


Трибина на ВМРО ДПМНЕ во Битола: „30 години се грижиме за Македонија“

ВМРО-ДПМНЕ под слоганот „30 години се грижиме за Македонија“, утре во Битола ќе го
одбележи јубилејот 30 години од независноста на Република Македонија.

Манифестацијата „30 години се грижиме за Македонија“ опфаќа повеќе активности од граѓански карактер и се во насока на вистинско народно одбележување на јубилејот од независноста.

Одбележувањето ќе започне со трибина „30 години се грижиме за Македонија“ во 12
часот на отворената тераса во хотелот „Епинал“. На трибината учество ќе земат видни
личности од политичкиот живот во изминатите 30 години: Министерот во првата македонска влада Мартин Тренески, поранешниот потпретседател на Владата, амбасадорот Маријан Ѓорчев, поранешниот претседател на ЗЕЛС, пратеникот и градоначалник Коце Трајановски, поранешниот премиер, министер и пратеник Емил Димитриев и првиот градоначалник на општина Битола Златко Милошески.

Модератор на трибината „30 години се грижиме за Македонија“ ќе биде портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева.

Централната прослава „30 години се грижиме за Македонија“ ќе се одржи во 19 часот на плоштадот „Магнолија“ во Битола.

Пригоден говор пред присутните ќе има претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р. Христијан Мицкоски, се вели во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ. М.М.