Македонија е лидер во регионот по бројот на граѓани кои се вакцинирани со барем една доза од вакцината во изминатиот месец и половина, наведува Министерството за здравство.
Според последните податоци, во периодот од 5 јули до 24 август, бројот на барем една аплицирана доза на сто жители во земјата е зголемен за повеќе од 14 отсто, што е највисок напредок во споредба со земјите од регионот.
Во истиот период, веднаш по Македонија се наоѓаат Косово со 10, 64 отсто, Албанија и Грција со 8,61 отсто и Црна Гора со 8,04 отсто зголемен процент на вакцинирани граѓани со барем една доза од вакцината. Зголемувањето во Босна изнесува 7,95 отсто, додека во Словенија 6,9 отсто.
Најмал напредок во регионот забележан од 5-ти до 24-ти август има во Србија, односно 2,49 отсто, и Бугарија со само 1,66 отсто зголемен процент на вакцинација.
– Зголемувањето на бројот на имунизирани граѓани значи и поголема колективна заштита, намалување на можноста вирусот да мутира и да се шири. Вакцините се безбедни и ефикасни и претставуваат превенција од развивање тешка форма на болеста, хоспитализација и смртен исход. Вакцинацијата е заедничка одговорност, а постигнувањето колективен имунитет е единствен начин да се стави крај на пандемијата и да се сочува јавното здравје – наведуваат од Министерството.