Повод: Подзаконскиот акт за издавање нови лични карти,
донесен врз основа на Законот за употреба на јазиците
Основниот принцип на владеењето на правото е дека Уставот е извор на законите. Носење подзаконски акт врз основа на друг закон, кој уште е и неусогласен со Уставот, остава простор за нови појави и проблеми во примената на принципите на правната држава. За противречностите и уставната неусогласеност на Законот за употреба на јазиците предупредуваше и стручната домашна јавност, а образложуваше и Венецијанската комисија. Сега повторно правните експерти алармираат за правен преседан со споменатиот Закон за употреба на јазиците, кој сега станува „надзакон“, хиерархиски над законите што се носат со двотретинско мнозинство и „извор“ за други закони!? Законите извираат од Уставот, а не од друг закон, со „фабричка грешка“, кој му овозможува да се наметнува како „надзакон“. Преземањето ингеренции од страна на понизок државен орган како да е повисок, како што пластично опишуваат правните експерти, дури индицира на уставна криза…
Надминувањето на законските пречки и административната нефункционалност, предизвикани од застојот во издавањето на личните карти (амандманската блокада во Собранието на измените на Законот за лични карти), сепак, како предизвик остана во фокусот на стручната јавност, на која принципот на легалитет и владеењето на правото се приоритети над приоритетите за функционирањето на една правна држава. Зошто? Од едноставна причина што останаа нерасчистени сомнежи за легалноста на постапката со која со донесување подзаконски акт (одлука), беше ставен во функција сѐ уште неусвоен закон во законодавниот дом (Законот за употреба на јазиците). Противречностите и уставната неусогласеност на Законот за употреба на јазиците (ЗУЈ), за кои предупредуваше стручната правна јавност во Македонија во времето на неговото усвојување, но за што даде забелешки и Венецијанската комисија, се чини дека првпат беа прагматично „креативно“ искористени во „надмудрувањето“ меѓу извршната и законодавната власт.
Ако во рок од една година не се усогласат сите закони, актите на сите министерства, на сите органи итн. со Законот за употреба на јазиците, тие ќе бидат дерогирани и директно ќе се применува Законот за употреба на јазиците
Имено, правната основа за носење на подзаконскиот акт за издавање на личните карти е најдена во одредбата на Законот за употреба на јазиците, со која се предвидува во рок од една година сите постојни закони да се усогласат со него. Доколку тоа не се спроведе во предвидениот рок, Законот за употреба на јазиците има моќ да ги дерогира постојните но неусогласени закони со него.
Професорката на Правниот факултет при УКИМ, Ана Павловска-Данева смета дека примената на макијавелистичката теза дека „целта ги оправдува средствата“ во случајот со личните карти „не држи вода“ и не смее да биде употребена од правник, особено не од професор по право. Таа не се согласува ни со тврдењето дека Уставот дава директна основа за носење подзаконски акт.
– Образецот донесен во вид на подзаконски акт за издавање нови лични карти е донесен врз основа на Законот за употреба на јазиците. Значи, правната основа е најдена и „креативноста“ на правните служби во МВР дојде до израз, но лошо е што политиката ги доведе во ситуација правниците во МВР или во Владата да мора да бидат креативни. Имено, МВР или министерот за внатрешни работи носи подзаконски акт, кој не го заснова на матичен закон што го предлага МВР, туку врз основа на закон поврзан со друго министерство, односно Законот за употреба на јазиците. Овој подзаконски акт е донесен врз основа на одредба од Законот за употреба на јазиците.
Во Законот за употреба на јазиците имаме одредба што го прави „надзакон“. Тоа е одредба што предвидува дека ако во рок од една година не се усогласат сите закони, актите на сите министерства, на сите органи… со Законот за употреба на јазиците, тие ќе бидат дерогирани и директно ќе се применува Законот за јазиците. Такво нешто не смеело ни да се даде како предлог во 2019 година од Министерството за правда и од Владата, ниту да биде усвоено во Собранието на Република Македонија. Јас тврдам дека оваа одредба е неуставна. И можеби министерот за внатрешни работи донел пропис во согласност со закон, но во согласност и според неуставна одредба. Но, за жал, додека е тој закон во важност, иако одредбата е неуставна – ќе мора да се почитува. Од 2019-та до денес никој не поведе иницијатива пред Уставниот суд за оваа одредба од Законот за употреба на јазиците – го искажа професорката Ана Павловска-Данева својот став во едно медиумско гостување, околу решението на проблемот со застојот во издавањето на личните карти.
Понатаму, таа укажува и дека во мислењето на Венецијанската комисија, кое е издадено по усвојувањето на Законот за употреба на јазиците, е забележано дека со овој закон не смеат да се дерогираат други закони. Но во постојната состојба, Законот за употреба на јазиците има толку голема правна моќ, што процедурата за издавање лични карти ја прави легална. Сепак, според Павловска-Данева, тоа е лош преседан.
– Никогаш министерот за внатрешни работи (не само овој) немаше да донесе подзаконски акт што ќе се повикува на Законот за јазици да го имаше коригирано својот закон за лични карти според Законот за употреба на јазиците. Бидејќи е блокиран законот за лични карти, тој прибегнува кон решение повикувајќи се на Законот за употреба на јазиците. Тоа создава многу лош преседан. Утре, кој било министер ќе може да донесе подзаконски акт директно повикувајќи се на Законот за јазици. И досега можеа министерот за внатрешни работи и другите министри да го применуваат тоа, но не го применуваа…. За жал, таква одредба постои во самиот закон, што е невообичаено во правниот систем. Треба да се има предвид и дека Законот за употреба на јазиците е т.н. обичен закон, донесен со обично мнозинство. Имаме системски закони, кои се носат со двотретинско мнозинство. Сега тој закон станува „надзакон“, хиерархиски над законите што се носат со двотретинско мнозинство. Еден куп одредби од Законот за употреба на јазиците се целосно неприменливи. Треба да се поведе иницијатива пред Уставниот суд за таа одредба од Законот за употреба на јазиците и таа треба да падне. Но сѐ додека не ја поништи Уставниот суд, таа законска одредба е во сила – заклучува Ана Павловска-Данева.
Основниот принцип на владеењето на правото е дека Уставот е извор на законите
Поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски смета дека решавањето на предизвиците во политичкото и административното функционирање на извршната власт со правни преседани воопшто не придонесува за воспоставување правен поредок во државата и амбиент за владеење на правото, туку, напротив, го зголемува купот на дилеми и проблеми во општеството.
– Основниот принцип на владеењето на правото е дека Уставот е извор на законите. Носење подзаконски акт врз основа на друг закон, кој уште е и неусогласен со Уставот, остава простор за нови дилеми и проблеми во примената на принципите на правната држава. Легс специјалис за издавање лични карти е Законот за лични карти, кој во мигов е блокиран во собраниска процедура. Носење подзаконски акт врз основа на друг закон ја става под знак прашалник и законитоста на веќе издадените 40.000 лични карти по одлуката на Владата за негова примена. Подзаконскиот акт треба да се однесува на конкретниот закон за одредена проблематика, односно во конкретниов случај треба да претставува доуредување на законот за лични карти, кој не е усвоен, а не на Законот за употреба на јазиците. На овој начин уште еднаш на мала врата се решаваат тековни проблеми, кои, всушност, отвораат нови дилеми и создаваат нови проблеми. Направен е штетен преседан! Законите извираат од Уставот, а не од друг закон, со „фабричка грешка“, кој му овозможува да се наметнува како „надзакон“.
Преземањето ингеренции од страна на понизок државен орган како да е повисок наведува дури и на уставна криза – вели уставниот судија Трендафил Ивановски.
Поранешниот претседател на Уставниот суд апелира сите политички субјекти сериозно да се зафатат со воспоставување на правната држава и примена на владеење на правото, зашто, во спротивно, можеме да завршиме со октроиран правен систем, во кој формално постојат Устав и закони, но се применуваат како што им одговара на интересите на актуелно влијателните политички субјекти.