Прв самит на македонските гитарски херои
Паркот на Младинскиот културен центар во Скопје, вчеравечер беше место каде се одржа еден светски музички настан. На концертот насловен „ЗЏМ Биг бенд оркестра и Македонски херои“ (ZJM Big Band Orchestra & Macedonian Guitar Heroes), на сцената застанаа речиси сите наши најдобри гитаристи и покажаа и докажаа на дело зошто се меѓу македонската музичка елита. Со оркестарот диригираше, кој друг ако не неуморниот Џијан Емин, кој со свои духовити забелешки ги претставуваше учесниците.
Идејата за овој уникатен концерт потекнала од Гоце Стевковски, тапанар во „ЗЏМ Биг бенд оркестра“ и иницијативата навистина е за почит, бидејќи за првпат се случува на едно место да се соберат музичарите кои преку својот инструмент – гитарата, се пробија на врвот на македонската, но и на регионалната музичка сцена.
Познати џез и блуз стандарди, синоќа беа отвирени перфектно, со одлични аражмани, дело на членовите на оркестарот: Зоран Костадиновски, Трајче Велков, Гордан Спасовски, Сашко Николовски, Дамир Имери и Џијан Емин.
А видно расположени за музицирање во живо, Петар Ренџов, Игор Атанасовски – Харе, Венко Серафимовски, Влатко Стефановски, Димитар Божиков, Ади Имери, Зоран Костадиновски, Саша Спасовски Крокер, Предраг Икономовски и Александар Поп Христов со своите гитарски рифови синоќа го допреа небото. Секоја од нивните гитари имаше посебна боја, звук, но сите звучеа моќно и беа како играчки во нивните раце. Особено интерсни беа нивните „гитарски муабети“ на сцената.
И навистина се случи првиот Самит на македонските гитаристи, како што најавија организаторите, членовите на Здружението на џез музичари и слободни уметници.
За убавиот впечаток придонесоа и одличниот звук и светслосни ефекти, но и бројната и расположена публика, која секоја изведба ја наградуваше со бурен аплауз и извици „браво“.
Да се надеваме дека во иднина ќе има уште многу вакви униактни концерти, на радост и на музичарите желни за живи настапи и на љубителите на добрата и квалитетна музика. М.Т.