Надворешнополитичките аналитичари гледаат и многу посуштински процеси во поглед на идните рефлексии на авганистанската криза во односите на поширок регионален политички план, а како слаба точка се посочува неспособноста на политичките елити да воспостават самостојни и функционални институции, без надворешно влијание. Втора опасност се засилувањето на авторитарните системи и порастот на националните и популистички платформи
Неочекуваниот расплет во американско-авганистанските односи и заземањето на власта од талибанците ќе се рефлектираат и во „внатрешните балкански“ односи во земјите од регионот. Во поединечните земји од Западен Балкан веќе се дефинираат различните ставови за евентуалното прифаќање на бегалците од Авганистан, додека надворешнополитичките аналитичари гледаат и многу посуштински процеси во поглед на идните рефлексии на авганистанската криза во односите на поширок регионален политички план. Ајла Делкиќ, претседателка на невладината организација „Совет за Босна и Херцеговина“ со седиште во Вашингтон, во својот текст за „Хил“ јавно прашува што можат да очекуваат сојузниците на САД низ светот, а поконкретно на Западен Балкан, од американската надворешна политика. Делкиќ во колумната предупредува дека „подготвеноста на САД за неограничена поддршка на корумпираните, неефективни влади е ограничена и ако една земја не е во состојба да застане на сопствените нозе, таа не може вечно да се потпира на безбедносниот чадор на Вашингтон“. По распадот на регуларната авганистанска власт, која беше предводена од сега пребеганиот претседател, беа објавени и размислувања на политичари од Босна и Херцеговина, кои јавно порачаа „дека повлекувањето на САД од БиХ ќе доведе до брз распад и на власта во оваа земја“.
За тоа дали може да се каже дека и земјите од Западен Балкан се изложени на авганистанско сценарио, ако се има предвид нефункционалноста на институциите во наоѓањето рационални решенија за политички и економски прашања, без поголемо влијание на САД и ЕУ, говори и Милан Стефаноски, македонскиот експерт за безбедносни прашања, кој вели дека при анализите мора да се повлече прецизна паралела, имено во Авганистан конкретно, но и во други воени подрачја каде што има присуство на силите на САД што се резултат на борба против тероризмот и нивната доктрина, е дека САД ќе се бранат на која било точка на Земјата, но никогаш дома.
Присуството на воените трупи на САД во Авганистан пред 20 години, како што смета тој, е резултат на сузбивањето на тероризмот како последица на терористичкиот напад во 2001-та во Њујорк и Вашингтон, а воената мисија во Авганистан не беше стратегија на творење на мирот, туку стратегија на сузбивање на тероризмот и наметнување на мирот во прва фаза, а потоа градење одржливо општество.
– САД не дејствуваа во земји каде што не се загрозени човековите права, демократијата, владеењето на правото и сл., затоа последиците што се наметнуваат по повлекувањето не само на САД туку и на која било друга мировна мисија се дирекно поврзани со политиките што понатаму ќе ги преземат соодветните лидери, системи и сл. што имаат обврска да ја развиваат својата држава. Прашањето што го засега Западен Балкан во однос на позиционирањето и поддршката на САД и ЕУ има само метафорична паралела со Авганистан, но наметнува суштински заклучок, дека никој нема вечно да ти го чува дворот, некогаш треба да преземеш одговорност и самиот. Западен Балкан ги помина војните во Босна, Хрватска, Србија, Косово, Македонија, немирите во Албанија итн. и влијанието и присуството на ЕУ и САД беа неминовни во однос на градењето функционални општества, со воспоставување силен фундамент во однос на владеењето на правото, борбата против корупцијата, слободната економија итн. На Балканот многу земји се или членки на НАТО или членки на ЕУ, па нели е дегутантно сѐ уште да се потпираме на САД и ЕУ, барем онаму каде што треба да покажеме елементарни државотворни политики – посочува Милан Стефаноски во разговор за „Нова Македонија“.
Вториот аспект во поглед во колумната објавена во „Хил“ се однесува на тоа дека по повлекувањето на меѓународните мисии, како во случајот со Авганистан, ќе се зајакнат авторитарните актери во Западен Балкан, но и на тоа дека треба да послужат како повик за будење на продемократските лидери во регионот. Пораката е дека „ниту една земја не може да преживее без сопствена веродостојна воена одбрана“, додека одговорноста за тоа лежи кај луѓето и лидерите што беа избрани да бидат на власт.
За тоа колку земјите од Западен Балкан се изложени на ризикот од засилување на авторитарните системи, при евентуалното повлекување на САД (и ЕУ) од влијание врз внатрешните актери во некои земји за создавање подобар демократски амбиент, Стефаноски предупредува повеќе на „засилување на радикалните и популистичките партии“.
– Не станува збор во кванитативна смисла колку држави би подлегнале кон авторитетни системи, повеќе би загрижило колку политички партии би добиле на сила со радикални и популистички платформи кога би се повлекле САД и ЕУ. Но радува фактот дека сите земји на Западен Балкан сакаат да гравитираат кон ЕУ и САД и сѐ уште се доминантни прогресивни политички сили, кои се на некој начин бедем во некоја следна политичка нестабилност. Не е важно дали САД и ЕУ физички нема да бидат тука, односно видливо, важно е нивната идеја, идеологија и концепт да заживеат и да се одржуваат на Западен Балкан. Не постои друга формула за мир во вакво комплексно и мултиетничко и мултикултурно подрачје. Единствен концепт за мир и прогрес е прифаќање на концептот што го нудат САД и ЕУ – ни изјави Милан Стефаноски.