Талибанците ја засилија потрагата по луѓе кои соработувале со трупите на НАТО и на САД, според извештајот на Обединетите нации.
– Талибанците апсат и се закануваат дека ќе убијат или уапсат членови на семејствата на поединци, доколку тие самите не им се предадат на исламистите – се вели во документот подготвен за ОН од Норвешкиот центар за глобални анализи.
Во документот се наведува дека луѓето во армијата, полицијата и истражните органи се особено загрозени.
– Талибанците однапред извршија мапирање на поединци, односно пред да ги преземат сите големи градови – се наведува во извештајот.
Се додава дека милитантите трагале по поединци додека до одреден степен дозволувале евакуација на странци од аеродромот во Кабул, но ситуацијата таму се уште е хаотична.
Според извештајот, талибанците регрутираат нови разузнавачки мрежи за соработка со новиот режим, објави „Би-Би-Си“.
Во Кабул е воведен полициски час, при што никој не смее да излегува од дома од 21 часот до зори, освен во итни случаи.
– Членовите на авганистанскиот исламски емират воведоа полициски час во Кабул и објавија телефонски броеви во случај граѓаните да мора да заминат за време на забраната – наведуваат агенциите.
Во извештајот се наведува дека полицискиот час ќе биде во сила до ново известување.
Талибанците вчера го прославија „Денот на независноста на Авганистан“, со порака дека ја победија „арогантната моќ на светот“ во форма на САД.